
Студија објавена во Sleep Health анализирала податоци од речиси 380.000 лица на возраст од 40 до 69 години. Биле споредувани навиките за спиење и дремнување и со методот наречен Менделова рандомизација, дремката била поврзана со поголем вкупен волумен на мозокот, што е знак за поздраво стареење.
Разликата во волуменот на мозокот била еквивалентна на дури 6,5 дополнителни години здравје на мозокот.
Се разбира, се напоменува дека критично прашање е дали дремењето е директно одговорно за овие придобивки или е само поврзано со целокупната благосостојба?
Занимливо е што дремачите не покажуваат значително подобри резултати од оние кои не дремеле во когнитивните тестови што го мерат фокусот, меморијата и времето на реакција. Ова сугерира дека иако дремењето придонесува за одржување на мозокот структурно здрав, неговото влијание врз краткорочната ментална бистрина не е толку јасно.
Се знае дека стареењето често носи когнитивен пад, а намалувањето на волуменот на мозокот е еден од раните знаци на невродегенеративни болести како што е деменцијата. Можноста дремката да помага во зачувувањето на волуменот на мозокот е значајно откритие.
Со други зборови, на дремката веќе не мора да се гледа како на луксуз туку како на една од корисните навики за долгорочно здравје.
Слично на ноќниот сон, и за време на дремката, мозокот ги отстранува отпадните производи, вклучувајќи ги и протеините поврзани со болести како Алцхајмеровата болест.
Се препорачуваат кратки дремки, од 20 до 30 минути, за да се избегне влегување во подлабоки фази на спиење кои можат да ве остават поспани после будењето.