Донации во празно

Американците годишно фрлаат стотици донирани бубрези и покрај тоа што 4.700 нивни сограѓани секоја година умираат чекајќи трансплантација токму на овој орган.

Пред се заради застарениот и неефикасен систем за донирање, во изминатите 5 години во САД биле фрлени вкупно 2.600 бубрези извадени од починати донатори.

Причината за фрлањето делумно е затоа што добар дел од донаторите имале проблеми со бубрезите кои се откриваат дури по нивната смрт, но сепак најголемиот дел од фрлените органи се должи на системот.

Според сегашниот систем на Мрежата за набавување и трансплантација на органи, која води грижа за 93.000 лица кои чекаат орган, САД е поделен на 58 области за донација. Кога бубрегот ќе стане достапен, според правилата тој прво му се нуди на кандидатот кој чекал најдолго. Исклучоци од ова правило има во случај кога се работи за деца или за кандидати чија крвна група е многу ретка.

Проблемот е што овој систем не го зема во предвид очекуваниот животен век на пациентот или итноста на трансплантацијата, како што е случајот со системот за донатори на срце и бели дробови.

Друг проблем е релативно краткото време што го имаат докторите за да ја комплетираат целата процедура - од 24 до 36 часа - што на болниците им остава простор од околу 1 час да одговорат за понудениот орган. Од 2.644 бубрези кои биле фрлени во 2011-та, речиси 500 не биле пресадени бидејќи не можело на време да се најде соодветен пациент.

24 септември 2012 - 17:23