
Имплантот е ултратенок безжичен микрочип со димензии од 2 на 2 милиметри и е двојно потенок од човечко влакно. Се вградува под мрежницата и безжично се поврзува со видеокамера на специјални очила.
Уредот работи со видеокамера која ја снима сцената пред пациентот, а потоа вештачката интелигенција се користи за претворање на информациите во инфрацрвен сигнал кој се испраќа до имплантот. Тој ги ги стимулира неоштетените неврони на внатрешната ретина, за да можат да го пренесат сигналот до мозокот, преку оптичкиот нерв.
Во здрава мрежница фотосензитивните клетки ја доловуваат светлината од околината и ја трансформираат во импулси на електрична енергија, кои потоа се испраќаат до нервните клетки што го обложуваат задниот дел од окото и, на крајот, до мозокот преку оптичкиот нерв.
Но, кај лицата со дегенерација на макулата поврзана со возраста (AMD) се оштетени клетките чувствителни на светлина во мрежницата, поради што во центарот на видот се испречува црна точка, која со времето се зголемува во диск. Периферниот вид често останува, но преку процес познат како географска атрофија, AMD може да напредува до целосно губење на видот, бидејќи клетките умираат и централната макула се топи.
Во лондонската болница Мурфилдс овој систем им бил вграден на 38 луѓе што го изгубиле видот поради AMD. По една година користење на системот, значителни подобрувања имало кај 80% од пациентите. Способноста за читање букви на стандардна очна карта просечно се подобрила за 25,5 букви и пет реда, а кај еден пациент дури за 59 букви, или 12 реда.
Ова се постари пациенти кои повеќе не биле во можност да читаат, да пишуваат или да препознаваат лица поради изгубен вид. Тие претходно не можеа ниту да ја видат визуелната карта. Во историјата на вештачкиот вид, ова претставува нова ера. Никогаш порано не е постигната толку голема централна реставрација на видот кај слепите пациенти, вели Махи Мукит, виш консултант во очната болница.
Вметнувањето на чипот трае само неколку часа и се активира по еден месец, но на пациентите им требаат уште неколку месеци за да научат како повторно да гледаат користејќи го уредот. Функцијата „зумирање“ на очилата им овозможува на пациентите да ги зголемуваат буквите.
Интерфејсот на мозочен компјутер „Прима“ е развиен од „Саенс корпорејшн“, калифорниска биотехнолошка компанија специјализирана за невронски инженеринг.