Успешните резултати од истражувањето даваат голема надеж дека ефектите од Алцхајмеровата болест можеби не се неизбежно трајни. Оштетениот мозок може во одредени услови да се поправи и да ја обнови својата функција, вели професорот Ендру Пајпер, главен истражувач на студијата спроведена на Универзитетот „Case Western Reserve“ (CWRU) во Охајо.
Подвигот бил постигнат кога на лабораториските глувци им било дадено моќното соединение P7C3-A20. Фокусот бил на влијанието на клучната молекула NAD+, коензим важен за движење на клеточниот метаболизам, кој стивнува со стареењето. Пациентите со Алцхајмерова болест страдаат од значително намалување на NAD+ во мозокот, и поради тоа нивните мозочни клетки имаат проблеми со одржувањето на нормалната функционалност, спречувањето на воспаленијата и откажувањето на други физички белези на болеста.
Соединението било тестирано во две групи лабораториски глувци, генетски одгледувани за да бидат предиспонирани за Алцхајмерова болест. Едната група имала мутации за амилоидниот протеин, а другата имала мутации на тау протеинот. И двата протеини се важни за клеточната функција, но можат да станат опасни ако се акумулираат во мозокот во форма на амилоидни талози и тау заплеткувања - предизвикувајќи дефект во нормалните клеточни процеси.
Инјектирањето на P7C3-A20 во двете групи глувци на возраст од два месеци успешно спречило развој на болеста. Но, уште поголем пробив бил направен кога соединението било инјектирано во посебна група лабораториски глувци на возраст од шест месеци, кои страдале од релативно напредна фаза на Алцхајмерова болест. По добивањето на инјекциите, овие глувци целосно ги обновиле своите когнитивни способности, а нивоата на NAD+ биле вратени на ниво на хомеостаза.
Резултатите ја зајакнуваат новата идеја дека закрепнувањето е можно кај луѓе со напредна Алцхајмерова болест кога ќе се врати рамнотежата на NAD+ во мозокот, заклучуваат авторите, кои планираат да преминат на клинички испитувања врз луѓе.
Научниците се исто така поблиску до разбирањето што ја предизвикува Алцхајмеровата болест, која според досегашните докази се чини дека е предизвикана од различни фактори како што се генетиката, животната средина или стресови.
Тоа би значело дека идните пациенти би можеле да добијат персонализиран коктел против Алцхајмерова болест со лекови прилагодени за нивната сопствена ситуација.