Минималната тежина за кандидатите за членови била 90 килограми, тие плаќале 1 долар членарина за влез и притоа го учеле тајното ракување и лозинката. Се собирале два пати годишно, а средбите биле најавувани со време, за ако случајно некој од нив падне под минималната тежина да си надомести со кркање.
Статија во Бостон Глоуб во 1904 вака ги опишувала средбите:
„Селото е полно со надуени и натопорени абдомени и двојни подбрадоци, бидејќи во таверната на Хејл се собираат членовите на клубот на дебели на Њу Ингланд. Локалците, кои се главно ковчести и исушени, со љубомора ги гледаат облите и округли лица на оние кои пристигнаа со сите денешни возови".
Ваквите клубови на доцниот 19ти и раниот 20-ти век биле прослави на богатството и на обилноста на една ера во заминување. Тоа веројатно било последен пат општеството да смета дека корпулентноста е вредна за прослава.
Еден од настаните на ваквите собири биле јавните мерења. Како што опишува текст објавен во Њујорк Тајмс во 1885, извесен Џорџ Кап, член на клуб од Конектикат, пред да стапне на вагата се пофалил - „Сигурно имам 135 кила". Но кога го измериле имал „само" 110. Неговите пријатели потоа изјавиле дека истата вечер тој ослабел 10 килограми, од жал.
Ова не само што биле места за прослава на радоста на јадењето, туку истовремено биле и начин за луѓето да се дружат и вмрежат. Бејзбол клубот на дебели мажи на Мемфис, на пример, имал комитет полн со судии, министри, а во него членувал дури и еден рабин. На врвот на популарноста, клубот на дебели на Њу Ингланд имал над 10,000 членови.
Што правеле тие кога се среќавале? Па, главно јаделе.
А откако ќе се најаделе излегувале надвор и се натпреварувале, во трки со жаби, скокање во далечина, трчање. Тоа всушност им служело само како поттик за апетитот, кој за вечера вклучувал мени од девет јадења, како крем супа од кокошка, говедско филе со печурки, печена кокошка, печено прасе-цицалче, салата од ракчиња, парен пудинг од овошје во сос од коњак, сирење, сладолед, па кафе и цигари. Целата вечер минувала и со големи порции мудрости, хумор и сарказам.
Што се однесува до жените, иако извесна здрава дебелина се ценела, сè над ова било предмет на потсмев. Сепак, женски верзии на вакви клубови постоеле, како оној во Хејзлтон, Пенсилванија, чии членки во просек тежеле по сто килограми.
Традиционално да се биде дебел било поврзувано со богатство и статус. Ако телото на човекот е негов храм, тогаш да се биде голем колку катедрала укажувало дека сте некој важен. Но Индустриската револуција почнала да го менува начинот на работа и на исхрана - одеднаш голем број луѓе имале работни места кои не барале физички труд. За поголемиот дел од средната класа храната веќе не била толку голем проблем, а седечкиот начин на живот ги правело сè подебели. Оттаму, ваквите клубови ја загубиле нивната ексклузивност. На состанок на клубот од Њу Ингланд во 1924 се појавиле само 38 членови, а ниту еден од нив не го задоволувал минимумот од 90 кила. Тоа сигнализирало не само дека изумира една традиција, туку дека се менува и еден цел светоглед, заради кои некои од нас денес се плашат дури и да погледнат во нутела.