Во јужна утеха виски ќе има

Омилената пијачка на Џенис Џоплин многумина и онака дифолтно ја сметаат за виски. А не е виски. Ама наскоро тие многумина ќе бидат во право.

Southern Comfort се смета себе за оригиналниот дух на Њу Орлеанс (баш фино е дух на англиски: spirit т.е. шпирт) иако генерички се работи за неутрална алкохолна база со мирудии. Практично вотка со додадени ароми на овошје и зачини. Виски нема ни капка, барем во последниве 40 години. 

Но, на компанијата која го поседува SoCo почнал да ѝ пречи ликерскиот имиџ на пијачката па од јули, освен со нов дизајн на шишето, ќе биде вклучено и виски во миксот. Дозата не е е објавена, но виски ќе има.

А со виски и започна целата приказна за пијачката чиј рецепт е стар 140 години, беше омилена другарка на Џенис Џоплин и фиктивните коктели на Скарлет О Хара и едно од најчестите имиња со кои американските воени пилоти од Втората светска војна ги крстеа своите летала за да покажат што најмногу им недостасува од дома.

Пијачката е дело на еден шанкер  идентификуван како Мартин Херман. Тогаш вискито доаѓало главно по Mисисипи од Кентаки и Луизијана. Додека стигнело до Њу Орлеанс - веќе не се пиело и секогаш било различно.

Затоа Херман се обидувал да му даде постојан и стандарден вкус па експериментирал со овошја и зачини. Рецептот бил фиксиран уште во 1874 година но до 1979-та кога Браун и Форман го купуваат брендот, вискито комплетно исчезнува од алкохолната мешавина.

Од јули одиме по старо.

Само да не го менуваат штимунгот на рекламите. Пошто се јебено одлични:

 

11 мај 2017 - 10:08