Така, во пракса не само што не користат ретровизор за паркирање или излегување од паркинг, возачите веќе не ги гледаат ни камерите (кои постепено стануваат задолжителни за новите автомобили) туку чисто се потпираат на титкањето од сензорите за паркинг. Сето тоа најчесто надополнето со маневрирање на смартфонот.
Истражување на надлежните за безбедност во сообраќајот во САД, покажува дека секој петти возач станал премногу зависен од помагалата во автомобилот и заради тоа имал сообраќајка или за малку ќе имал сообраќајка.
Инциденти со невнимание им се случуваат и на автономните возила. Така кај автономното Волво на Убер кое удри и уби пешак, малкумина спомнаа дека за цело време на тестирањето во него имаше човек. Истрагата покажа дека човекот, ставен зад воланот за не дај боже, за време на сударот гледал Хулу.
„Бидејќи човековиот мозок е беспрекорен во неговата способност да филтрира неважни информации ваквото однесување требаше да биде предвидено.
За време на нормално возење нашите мозоци се во речиси постојана состојба на претпазливост. Меѓутоа кога ќе дозволиме некој или нешто да вози наместо нас оваа претпазливост лесно ја снемува,“ пишува во Њујорк тајмс психијатарот Ватсал Такар.
Сличен е записникот и кај неколку сообраќајни жртви кои се последица на автопилотот на Тесла. Во секоја од овие сообраќајки возачот речиси и да не направил никаков напор да интервенира.
Наведувајќи примери за тоа како премногу лесно сме ја препуштиле одговорноста на технологијата (да не збориме за масовното оглупавување од проверката на текстови на Ворд, или „did you mean“ на Гугл) Такар дава пример од декември 2017, кога пациент умира во еден од поголемите медицински центри во САД затоа што медицинската сестра избрала погрешна опција на „ауто-комплетирање“ на автоматот за лекови. Па наместо лекот против анксиозност Версед, таа избира Векурониум, апче за парализирање кое некогаш се користи при егзекуции. Откако и е даден на пациентката, таа умира во рок од неколку дена.
„Иако суперкомпјутер секогаш ќе биде подобар од човеков мозок мерено според брзина, мозокот е неспоредливо покомплексен во однос на неговата способност да ги приоретизира податоците што ги добива од различни извори. Ако еден извор стане помалку релевантен, нашиот когнитивен систем своето внимание го префрла на следниот по релевантност извор (што деновиве најчесто е смартфонот),“ објаснува Такар.
Неговото решение на сите овие проблеми што ги изнареди во однос на технологијата е - враќање на менувачот во автомобилите.
„Возила со менувач и педала за куплунг бара користење на сите 4 екстремитети, што сериозно го отежнува користењето мобилен или јадење додека возиш.
Затоа дупки во вниманието се ретки, посебно во возење низ град каде возачот може сто пати да смени брзина на обичен пат до продавница...
Иако безбедноста при возење со мануелен менувач не е доволно истражена тема, една студија околу перформансите во сообраќајот на хиперактивни тинејџери, покажува дека во возила со мануелен менувач тие управуваат многу побезбедно и повнимателно отколку во возила со автоматик.
Ова покажува дека лекот за дупки во вниманието може да е помалку технологија, а не повеќе,“ пишува Такар.