Колку и да се колнеме во нив, поседувањето силни аргументи некогаш не се доволни. Еве неколку тактики, за кои треба вежбање и вештина, а богами и самоконтрола, да не посегнете по некоја поинаква, физички убедлива тактика.
1. Бидете пристојни
Почитувањето на перспективата на другите, колку и да звучи смешно, помага да ја засилите сопствената. „Кога мислењата на луѓето се земени предвид, тие стануваат поприемчиви за информации кои одат против нивните убедувања", вели политичкиот психолог Питер Дито од Универзитетот Калифорнија во Ирвин. Откако еднаш ќе ја воспоставите емоционалната врска, можете да почнете да применувате логика.
2. Не се обидувајте да „победите" во дискусија
Напаѓањето нечии идеи ги става луѓето во ситуација во која тие или ќе влезат во рингот или ќе избегаат. Кога еднаш ќе бидат доведени до работ, веќе нема да имате пристап до нив. Затоа треба да се практикува карикирање на ставовите на другиот, со тоа што тие ќе се доведат до нивните логички, и веројатно апсурдни заклучоци. Легендата вели дека на тој начин полесно ќе му се отворат очите на противникот за неговата сопствена глупост.
3. Не прашувај зошто. Прашувај како.
Во една студија од 2013, психологот од Универзитетот во Колорадо Филип М. Фернбах поделил луѓе со екстремни политички ставови во две групи - луѓе кои морале да објаснуваат зошто нивните мислења се точни, а други кои требало да објаснуваат како нивните идеали можат да бидат преточени во реални политички решенија. Резултатот? Луѓето коишто давале причини зошто се во право биле исто толку самоуверени по експериментот колку што биле и пред него. Но оние кои морале да ја образложат механиката на примена на нивните ставови биле понесигурни и помеки.
4. Следи ја приказната
Ко-основачот на Пиксар Ед Катмул го познавал Стив Џобс 26 години. Тие понекогаш се карале, но Ед имал стратегија (за којашто веќе пишувавме тука) - откако Џобс ќе му отфрлел некој аргумент, тој чекал една недела, му се јавувал и му давал контра-аргумент. Стив реагирал на истиот начин како и првиот пат, но Ед не се откажувал, туку по уште една недела повторно го актуелизирал проблемот. И така некогаш и со месеци. Целата работа се разрешувала на некој од триве начини: Џобс признавал дека Катмул е во право, Катмул признавал дека Џобс е во право или Џобс не му одговарал на Катмул, со што всушност го одобрувал она што овој го кажал.
5. Поставувај прашања кои овозможуваат другиот да се отвори
Ако се карате со партнерот, психолозите велат дека е добро да поставувате прашања кои ќе му дадат простор тој/таа да се отвори, и целиот маубет наместо како напад да биде сфатен како можност за соработка. На пример: „Како би сакал да ти изгледа животот за три години?" Ризикот околу одговорот си е ваш.
6. Бидете самоуверени
Луѓето не ги слушаат најумните, туку оние кои се однесуваат како да знаат што прават. Една студија на Универзитетот во Јута од 2013 покажала дека најголема „валута" на влијание не е она што некој го кажува, туку елементи како екстровертност, род, раса и ниво на самодоверба. Фактите, за жал, не се секогаш во игра.
7. Користете графикони
Луѓето им веруваат на научници. Оттаму, колку што нештата во вашето образложение изгледаат понаучно, толку вие изгледате посериозно. Престижот којшто се поврзува со науката им дава таква аура дури и на банални елементи кои асоцираат на неа, како визуелни прикази во форма на инфографици или графикони.
8. Демонстрирајте дека другите луѓе се согласуваат
Во „Влијание: психологија на убедувањето" Роберт Калдини вели дека „социјалниот доказ" е една од најдобрите тактики за луѓето да ги видат работите на ваш начин. Според оваа теорија, ние претпоставуваме дека она што го прават другите е коректното однесување во некоја ситуација. Тоа е причина зошто се привлечни долгите редови пред некој ресторан - ако толку многу луѓе сакаат да влезат во него, мора да се во право дека храната таму е добра. Токму затоа и поддршката од некоја славна личност е толку ефективна маркетиншка алатка.
9. Употребете нешто повеќе од анегдоти
Приказната за тоа дека цимерот јаде пита бурек за појадок а пак е слаб можеби е добра анегдота. Но ако сакате да бидете сфатени сериозно треба да користите податоци до кои се дошло преку сериозни истражувања. Или, поедноставно, повикајте се на консензус. Научниот консензус е збир на мислења на поголем број (сите?) научници, а кои стануваат битни кога се спротивставуваат на мислењето на вашиот противник, кој тогаш одеднаш изгледа осамен. Ако поголемиот број научници се согласиле околку нешто, тоа значи дека има доволно докази кои поддржуваат одредена идеја, особено ако се погоди таа да е токму вашата.