Планетите налик на Земјата, со сличен сооднос на вода и копно, најверојатно се екстремна реткост. Според нова студија, планетите слични на Земјата, со околу 30% копно од вкупната површина, изнесуваат само 1% од сите планети.
Приближно 80% од световите што потенцијално би можеле да бидат населени се целосно покриени со копно, додека приближно 20% од нив се комплетно водни светови.
Заклучокот е донесен со моделирање на врската меѓу површинската вода на една планета и рециклирањето на копното преку тектонските плочи.
„Силно е искушението да претпоставуваме дека некоја втора Земја би била иста како нашата, но нашите модели сугерираат дека шанситеза тоа се исклучително мали,“ вели Тилман Спун, директор на институт во Швајцарија.
Нивните резултати покажуваат дека Земјиниот размер земја-вода од 1:3 претставува фин баланс и дека кај повеќето планети овој размер натежнува кон земја или кон вода.
Балансот што го има нашата планета веројатно се постигнува кога температурата на нејзиното јадро достигнува околу 1.400 Целзиусови степени. Таа тоа го има постигнато пред 2,5 милијарди години, и оттогаш живее во таа рамнотежа.
Моделите индицираат дека „водните“ планети со помалку од 10% копно најверојатно се топли, со влажна атмосфера и тропска клима, додека онаму каде што доминира копно е поладно и посурово за живот.
Не дека и на такви планети не би можело да се развие живот, но нивните флора и фауна би биле сосема различни од нашите.