
За да дојдат до ваквата проценка, истражувачите од универзитетот во Минхен се потпирале на нови математички модели кои ги хранеле со податоци добиени на различни начини и методологии од разни делови на планетата.
Податоците од Панама, на пример, кои биле добиени со систем на камери и дронови, сугерирале дека молњата знае да е „заразна“. Нејзиниот удар во една шума може да личи на „карпет бомбинг“: електричната енергија го преминува воздушниот јаз помеѓу крошните на соседните дрвја, достигнувајќи до 45 метри од првично погоденото дрво.
Како резултат на тоа, секој удар од молња убивал во просек 3,5 дрвја.
За да ги дополнат глобалните просеци, истражувачите вклучиле и два обемни збира податоци за фреквенцијата и густината на громовите, едниот од вселенска оптичка мрежа, а вториот од набљудувања од земјата.
Според симулациите, 286–328 милиони удари од молњи ја погодуваат површината на Земјата секоја година, при што мнозинството се случуваат на копнени области, особено во тропските предели. Ова резултирало со годишна смрт на 301-340 милиони дрвја во периодот 2004-2023 година.
Во тоа се вклучени 24-36 милиони големи дрвја (со дијаметар над 60 сантиметри), што е 6,3 проценти од вкупната нивна загуба.