Студијата на Универзитетот од Падова всушност истражува дали задолжителното образование може да ја зголеми платата во текот на животот. Она што го заклучуваат е дека децата со дополнителна година на училиште имале околу 9% поголема плата.
Меѓу овие деца, кај тие што дома израснале со повеќе од 10 книги што не им биле задолжителни за читање на училиште, предноста во заработувачката се зголемила за 21%. На исходот не влијаеле фактори како работната позиција на таткото, или дали децата имале водоводна инсталација во својот дом.
Важно е и што немало разлика дали децата пријавиле дека кога растеле имале 50, 100 или 200 книги, клучно било да имаат повеќе од 10. Бројките се собрани од мажи од западниот дел на ЕУ на возраст од 60 до 96 години. Во студијата било споредувано и дали тие растеле во рурални или урбани околини, колку време биле на училиште, колку книги имале дома на 10-годишна возраст, и нивните приходи во текот на животот.
Со сета претпазливост истражувачите објаснуваат дека ова не значи дека има исклучива поврзаност меѓу книгите и платата.
"Децата кои израснале во домови со книги може имале поголеми шанси да научат за животот и за универзумот, и да имаат нови искуства преку книгите. Или пак можеби затоа што домовите со книги ги опфаќаат семејствата со посилна културолошка и социоекономска позадина," објаснува еден од истражувачите, Гиљелмо Вебер.
Студијата се фокусира на мажи родени и израснати пред појавата на интернетот и достапноста на информациите на клик.