Јаако Иисало, дизајнер
Фирмата (Ровио, денес гиганти) имаа пари само за една игра. Беше тоа 2009 и како единствен дизајнер во компанијата морав да дадам некои идеи. Отсекогаш сум цртал животни па нацртав куп птици, заоблени, со клунови и налутени трепки. Имав идеја за јато птици кои летаат наоколу и уништуваат работи.
Првиот концепт беше многу поинаков од финалниот. Птицата требаше да се тапне и таа ќе полеташе за да уништи некоја структура. И во првиот прототип немавме катапулт но сфативме дека ни треба разбирлив механизам за покренување на птиците, инаку луѓето не знаеја што треба да прават. Со чаталот веднаш им беше јасно.
Заклучивме дека во играта требаат непријатели но времето ни беше кусо па логично нацртав прасе, мајка ми вика дека ги цртам уште од 10 години. Сè мораше да биде едноставно па ако главниот карактер беше црвен, опозитот стана зелен, зелени свињи кои ги имаат украдено јајцата на птиците и ги чуваат во објекти.
Angry Birds беше присутна на пазарот три месеци пред Епл да нè игра. Ни дадоа банер на насловната и играта стана вирална. Луѓе ни доаѓаа во канцеларија велејќи дека сме направиле еден милион симнувања. Петер Вестербака, кој беше директор за развој, ни соопшти дека негова цел е да направиме 100 милиони. Сите одмавнавме со глава мислејќи дека типот е луд. А потоа направивме две милијарди.
Дури и сега не ми е баш најјасно како толку успеавме. Шигеру Мијамото, дизајнерот на Супер Марио Брос, го прашаа за која игра му е криво што не ја направил тој. Одговори - Angry Birds.
Туомо Лехтинен, програмер
Работев на нешто што ќе исфрла топки а тие ќе удираат во предмети. Кога ги добивме птиците од Јаако, почна да се наѕира концептот. Но, нишанењето не ни функционираше, птиците не одеа таму каде што се очекува и тоа не беше баш забавно бидејќи играчите не знаеја каде грешат.
Јаако потроши многу време штимајќи ги објектите, кога ќе бидат погодени да се скршат на очекуван начин, а да не биде тоа прелесно. Во прво време замоците ни беа многу поблиску од чаталот. Го продолживме времето на летот за да се зголеми очекувањето и возбудата.
Претходно кога ќе дадевме некоја игра на пријатели, ќе ја видоа, ќе речеа ок, ова е игра за на телефон и ќе ни го вратеа телефонот. Од Angry Birds не може да се раздвојат. И ние на работа ја игравме, имавме табели со резултати.
Стигнавме на број 1 во нашата земја Финска, но тоа е толку мал пазар што ќе бевме број 1 и само ако на пријателите им кажавме за играта. Потоа стана број 1 и во Шведска кога нивната позната скијачка во спуст Ања Парсон во весник изјави дека за опуштање пред натпревар игра Енгри брдс. Во април 2010 веќе бевме големи и во САД и главна цел ни беше да станеме најголеми во Ап стор. Тоа се случи по два месеца кога го шишнавме Doodle Jump.
Памтам како пиевме шампањ кога достигнавме еден милион па 10 милиони. А сега и филм ќе има за нас. Кој можеше да помисли дека игрица за за телефон може да стане толку голема?