Тестот за моралните дилеми во сообраќајни ситуации со смртни последици го објавивме пред две години а потоа и споделивме каде сè забегаа некои Фејсбук коментатори кои скроз ја утнаа темата па фатија да мудруваат дали може толку брзо да се вози, што е проблемот со кочницата и слично.
Медиумската лабораторија на МИТ ја изработи таа „Морална машина“ во 2014 година и оттогаш се регистрирани 40 милиони одговори од 233 земји во светот, што овој експеримент го прави најголемата студија за моралните преференци на глобално ниво (со методолошки фалинки бидејќи примерокот не е демографски и социо-економски репрезентативен туку е доброволен).
Моралната машина ве става во десетина различни сообраќајни ситуации во кои треба да се изјасните дали возилото треба да им дава предност на пешаците или на миленичињата, дали да се поштедат оние кои се надвор или оние кои се со вас во колата, старите или младите, богатите или сиромашните, здравите или болните... и конечно, дали воопшто треба да се донесува одлука во таква ситуација или тоа треба да се остави „кому му било пишано“.
Во магазинот „Nature“ неодамна беше објавена дескриптивна анализа на таа маса добиени податоци од виралното онлајн тестирање. Утврдено е дека резултатите значајно варираат и дека имаат некаква врска со културата и економијата во кои живеат луѓето.
На пример, во колективистичките култури како Кина и Јапонија многу е поверојатно старите да добијат предност врз младите. Истражувачите хипотетизираат дека тоа во некоја мерка се должи на култот и почитта кон возрасните во овие земји.
Во индивидуалистичките земји сериозен фактор е бројот на животи кои се поштедуваат со некоја одлука. Во посиромашни земји со слаби институции луѓето се потолерантни кон оние кои не се придржуваат до прописите а во земјите со голема економска нееднаквост постои и голем јаз меѓу поштедените богати и сиромашни.
Бидејќи оваа тема е тесно поврзана со сè поголемиот број автономни возила на улиците, едно од најзанимливите прашања е дали ќе дојде време кога „моралниот профил“ на колата ќе зависи од тоа за кој пазар е наменета.