Минхен сака аутобан за точаци

Намерата на локалните активисти е да натераат што е можно повеќе луѓе да возат велосипед наместо автомобил, а според нив ова најуспешно ќе се оствари ако низ градот распостелат велосипедски автопат.

 

Автопатот треба да има две ленти и директно да ги поврзува сите предградија со центарот на градот, без никакви прекини од автомобили, раскрсници или семафори. Планот предвидува 16 краци кон различни предградија, а за сега најлесна за изградба е рутата која треба да ја спојува главната железничка станица со фабриката на БМВ во околината на Минхен, која вработува 26.000 луѓе.

"Многу е полесно ако не треба да застанеш. Ако патувањето премногу трае, или има премногу угорници, или премногу раскрсници каде што луѓето треба да чекаат, тогаш тие нема да користат велосипед. Ќе користат автомобил или нешто друго. Идејата е дека сакаме да направиме колку е можно полесно за луѓето кои се малку надвор од градот - 10, 15 километри - да користат електричен велосипед и да патуваат до градот," објаснува Андреас Гро, член на групата АДФЦ-Минхен која го застапува планот за велосипедски автопат.

За сега станува збор само за предлог, а и на неговите автори им е јасно дека проектот е прилично проблематичен, бидејќи во основа ќе треба да се направи редистрибуција на улиците, и да се одземе една автомобилска лента за да се направи велосипедска лента.

Почетно, за мир во куќа, автопатот би се градел од предградијата до самиот почеток на границите на градот. Дури по некое време се очекува да почне борбата со возачите од градот и опозицијата на планот за скратување на една од автомобилските ленти.

И покрај убавите намери со планот, забелешката е дека заради него не треба да се запостават постојните велосипедски патеки во градот.

"Автопатите се одлична идеја, ама тие пропуштаат една важна поента. Во Копенхаген 93% од велосипедистите не минуваат повеќе од 7 километри. Ова е слично и во останатите велосипедски нации. Трошење премногу пари за овие 7% не е секогаш корисно ако не ја разбираш оваа транспортна антропологија," објаснува експертот за урбан дизајн и ЦЕО на дизајнерската компанија Копенхаганајаз, Микаел Колвил Андерсен.

11 август 2015 - 16:07