
Според проценките на Обединетите нации, 57% од светската популација сега живее во градски средини. Оваа бројка би можела да се зголеми на 68% до 2050 година, поттикната од континуираната урбанизација во најсиромашните земји во светот, главно во Азија и во Африка, се предупредува на Светскиот ден на живеалиштата.
Во Јапонија, Британија или Бразил, урбаното население ќе надмине 90% од вкупното. Западна Европа и САД ќе се приближат до ова ниво, а во во градовите во Јужна Европа ќе живеат 82,1% од населението.
Урбаниот раст вообичаено е стихиен и неплански, поради што градските власти немаат ни време ни средства да изградат соодветна и функционална инфраструктура. Затоа експанзијата е концентрирана кон сиромашните населби, во кои по потреба и без контрола се доградуваат домови што не ги исполнуваат градежните стандарди, немаат санитарни системи, греење ниту стабилен приклучок до водовод и енергетската мрежа.
Според проценките на ОН, бројот на луѓе што живеат во ќерпич во изминатите 20 години се зголемил за 200 милиони. Најкритични се градовите во Супсахарска Африка и во Јужна Азија, во кои едвај една половина од луѓето имаат пристојни услови за живот. На глобално ниво, во нехигиенски и несигурни услови живеат 23% од „граѓаните“.
Стапката е најизразена во Јужен Судан (94,2%), во Мали (92,5%) и во Авганистан (71,6%). Значителен напредок е забележан во Индија, во која 41,5% од урбаното население живее во сиромашни населби, во споредба со 55% во 2002 година.
Фактор што влијае на експанзијата на сиромашните квартови е и поскапувањето на станбениот квадрат. Луѓето од внатрешноста што доаѓаат во градовите по работа не можат да си дозволат да плаќаат станарина или да купат дом.
Во интерес на градовите е да им обезбедат пристоен дом на сите жители, бидејќи пренаселените квартови без основна хигиена го зголемуваат ризикот од ширење зарази и криминал и од преоптоварување на постоечката мрежа. Заканата ќе биде многу поголема ако се оствари проекцијата дека до 2030 година во ќерпич ќе живеат 2 милијарди луѓе.
За да се трансформираат сиромашните населби во одржливи заедници се предлагаат шеми за микрофинансирање, со заеми и камати прилагодени на приходот на сиромашните семејства. Мали подобрувања, како поставување бетонски под или нов покрив, може значително да го намали бројот на инфекции и дијареа кај децата.