Бунт против "велосипедските талибанци"

Лондонски возачи на автомобили од сите религии и раси започнаа протест против планот од 38 милиони евра кој сериозно ќе ја подобри велосипедската инфраструктура во градот, на сметка на постојната автомобилска инфраструктура.

Првите демонстрации против планот се од минатиот октомври, откако започнуваат работите на велосипедскиот проект во општината Волтам Форест во северно-источниот дел од Лондон. Во проектот дел од помалите улички комплетно се затвораат за автомобилски сообраќај и се достапни само пешки или на велосипед.

Противниците на проектот започнаа и петиција во која во рок од една недела собраа потписи од над 3.000 луѓе. Нивното тврдење е дека мини-Холандија планот ја зголемува гужвата, загаденоста и времето на патување на возачите. Венди Дејвис, која помага во организирањето на петицијата, изјавува дека возачите кои го критикуваат проектот биле "демонизирани од 'велосипедските талибанци' кои стојат зад проектот."

"Никој не е против велосипедизмот. Голем дел од луѓето кои ја потпишуваат петицијата и самите се велосипедисти, ама секој што ќе се спротивстави на кој било аспект на мини-Холандија е обележан како настран уништувач на околината и полоши работи.

Никој не може да објасни како затворањето на улиците им помага на велосипедистите. Затворањето на улиците прави сообраќајот да се одвива на помалку улици. Што е со кутрите луѓе кои живеат, работат, пешачат или одат на училиште на овие улици?" изјавила Дејвис.

Дополнителната забелешка е дека цената за намалување на загадувањето и зголемената тишина на резиденцијалните улици, е далеку поголемата гужва на главните улици.

Луѓето што стојат зад мини-Холандија проектот, порачуваат дека петицијата против него нема шанси да успее, и дека Лондон наскоро ќе добие уште вакви слични проекти. Објаснувањето на Сајмон Монк е дека целта на проектот е да се подобри здравјето на Лондончани и на долг рок Лондон да се направи помалку загаден град, со тоа што луѓето ќе се натераат да престанат да користат автомобили.

13 јуни 2016 - 10:05