Кина го отвора Ледениот пат на свилата

Војната во Иран не само што ја остави Кина без нафта и гас од Персискиот залив, туку ѝ го блокираше главниот трговски канал до Европа. Тоа го охрабри Пекинг да ги забрза напорите да ја пробие алтернативната трговска рута, преку Арктикот. Брод натоварен со контејнери денеска ја отвора првата редовна линија од „Ледениот пат на свилата“ до Британија.

Бродот „Dubai Tower“ на кинеската компанија Sea Legend за транспорт на контејнери до пазарите во Турција и Северна Африка, денеска исплови од пристаништето Нингбо на источниот брег на Кина, на пат од 7.500 милји. Плови на север кон Беринговиот проток, а потоа ќе скршне на запад, пловејќи покрај северниот брег на Русија, до крајната дестинација - британското пристаниште Феликстоу.

Во зависност од временските услови, патувањето треба да трае околу три недели – половина од вообичаеното време на пловење помеѓу двете пристаништа. Оваа рута лани ја провериле 23 кинески бродови, а во 2024 година поминале 15.

Бродовите и екипажите се изложени на сериозен ризик поради временските услови. Анализа на осигурителната компанија Allianz покажува дека во изминатите 10 години имало повеќе од 500 поморски инциденти во областа на Арктичкиот круг. Речиси половина од инцидентите се поврзани со дефекти на машинската опрема.

На капетаните им е потребно искуство за навигација низ ледени полиња – честопати без помош од GPS, кој може да откаже бидејќи северните широчини не се целосно покриени со сателитската мрежа.

Евидентно е зголемувањето на сообраќајот преку Арктикот и Северниот морски пат. На сопствениците на бродовите тоа им заштедува значително време и пари. Притоа се заобиколуваат сите геополитички критични точки и зони на конфликт, изјави Рахул Кана, експерт за поморски ризици во Allianz.

Северниот морски пат е поделен на 28 делници со различни правила, во зависност од променливите услови на мразот. Дозволите за пловење покрај рускиот брег ги дава руската државна компанија Росатом.

Европските компании ја избегнуваат оваа рута главно поради нарушените односи со Москва. Данската бродска компанија Maersk уште во 2018 година испрати брод на пробна пловидба од Владивосток до Санкт Петербург, но се откажа од воспоставување редовна линија „за да не го загрози кревкиот арктички екосистем“.

Според неодамнешна студија на истражувачи од Универзитетот во Саутемптон, количината на арктички морски мраз во периодот на зимскиот максимум опаднала за 5,8% помеѓу 2024 и 2025 година, што е досега најголем забележан пад. Во текот на оваа година максималната површина на морскиот мраз благо се зголемила.

Интересот за користење на арктичкиот регион за поморски транспорт е евидентен и врз основа на зголемениот број нарачки за бродови со зајакната конструкција за пловење низ мраз. Според компанијата за поморски податоци Veson Nautical, лани биле изградени 167 бродови од „ледена класа“ – најмногу по повеќе од една деценија – а за годинава е планирана изградба на уште 164.

14 август 2026 - 10:38