Големите американски градови забрзано губат деца

Бројот на деца опаѓа низ целата територија на САД, но причината не е само рекордно ниската стапка на наталитет во земјата. Падот е особено изразен во големите градови. Во некои има повеќе жители, но помалку деца. Соочени со високите трошоци, нарушената безбедност и влошувањето на квалитетот на живот, семејствата со мали деца едноставно се селат во помалите места.

Бројот на малолетници во големите американски градови е намален за 6% во текот на изминатата деценија, што е шест пати повисока стапка во однос на националниот просек. Намалувањето е особено драстично кај семејствата со мали деца. Бројот на деца на возраст под 5 години во големите градови опаднал за 15%, наспроти падот од 7% на национално ниво, покажува споредба на податоци од пописите во 2015 и во 2024 година. Дури 25 од 38-те градови во САД со повеќе од 500.000 жители денес имаат помалку деца отколку пред една деценија.

Сè поголем број двојки решаваат да немаат деца, загрижени за финансиските последици и промените во начинот на живот што ги носи формирањето семејство.

Падот се случува во градови низ целиот економски спектар. Во Сан Хозе, Калифорнија, каде што медијалниот приход на домаќинствата е речиси двојно повисок од просекот во САД, бројот на деца на возраст под 5 години е намален за 34% во текот на изминатата деценија – повеќе отколку во кој било друг голем град.

Ерни и Саманта Солис израснале во Сан Хозе, Калифорнија. Нивните проблеми почнале кога формирале семејство и добиле близнаци. Ерни со плата на пожарникар и Саманта како наставничка не можеле да си дозволат да купат нов дом. Трошоците за градинка изнесувале околу 25.000 долари годишно за секое дете. Загрижени биле и поради задолжителната вакцинација пропишана од државата.

Во јуни 2021 година, тие се преселиле во Стар, мало гратче во Ајдахо. Ерни секој понеделник патува со авион до Сан Хозе, ги користи бесплатните капацитети за сместување пожарникари и секој петок се враќа во Ајдахо. Запознал уште многу други електричари, техничари и лимари кои исто така се преселиле подалеку од градот. 

Додека биле во Калифорнија, живееле во изнајмена куќа од 130 квадратни метри. Во новиот дом во Ајдахо поседуваат куќа од 215 квадрати со двор. По преселбата, добиле и трето дете.

Градските економии почнуваат да ги чувствуваат последиците од промената. Семејствата, особено од средната класа, значително придонесуваат кон даночната основа и ја поттикнуваат потрошувачката. Помалиот број деца значи помала поддршка за јавните училишта, кои често се едни од најголемите работодавачи во многу градови.

Некои општини воведуваат бесплатни услуги за згрижување деца, но не е јасно дали тоа ќе биде доволно за да се охрабрат луѓето да имаат повеќе деца или да не се преселат.

Во Њујорк, каде што трошоците за живот се високи, бројот на деца е намален за 8% во текот на изминатата деценија. Од 2000 година, градот забележал нето-намалување од 80.000 домаќинства составени од лица на возраст меѓу 30 и 54 години кои се во брак или имаат барем едно дете под 18-годишна возраст. Во истиот период, за 670.000 се зголемил бројот на домаќинства од самци или семејства без малолетни деца.
Според анализата на градскиот контролор, родителите треба да заработуваат 334.000 долари за да можат без финансиски тешкотии да си дозволат грижа за дете на возраст од две години.

По финансиската криза од 2008-2009 година, луѓето останаа во градовите бидејќи таму имаше добри работни места. Како што економскиот раст се прошири во текот на 2010-тите, семејствата почнаа да заминуваат во потрага по можности на други места. Намалувањето на бројот на деца во градовите почна во 2017 година и се забрза со пандемијата. Можноста да работат од далечина поттикна многумина да го преиспитаат својот начин на живот. Некои се преселија во предградијата – или дури и подалеку. Семејствата имаа повеќе опции за иселување и ги искористија, изјави Конор О'Брајан, аналитичар во организацијата Institute for Progress.

За иселувањето на семејствата влијае и криминалот, кој граѓаните не го сметаат за сериозен фактор сè додека не добијат деца. Танил Џордан (38) по колеџот останала да живее во Милвоки убедена дека може да се заштити од релативно високата стапка на криминалот. Станала свесна за ризикот откако со нејзиниот сопруг добила дете. Камерата на влезот снимила како луѓе крадат пакети оставени пред врата. Лулашките на игралиштето биле скршени и ‘рѓосани. Тие можеле да си дозволат да постават играчки во сопствениот двор, но нивниот син би морал да си игра сам.

Сега планираат да се преселат во преградие на Грин Беј во Висконсин, со надеж дека нивниот син ќе може да си игра слободно во соседството, а ќе има и пристап до добри училишта.

Грин Беј едноставно изгледаше како место каде што без проблем би му дозволила на моето дете да вози велосипед по улица, вели Џордан.

14 август 2026 - 12:13