Минатата недела прво ЕнБиСи Универзал објави бројки собрани од трета компанија за гледаноста на програмите продуцирани од Нетфликс, според кои нивните рејтинзи се исти како и на регуларните и кабелските програми. Подоцна и извршниот директор на ЕфИкс кабелската мрежа се надоврза на темата објаснувајќи дека е "бесмислено" што Нетфликс не ги објавува бројките на гледаност.
Одговорот на директорот за содржини на Нетфликс, Тед Сарандос, е дека бројките на ЕнБиСи се "сериозно неточни," надополнувајќи дека конкурентите трошат толку енергија на нивната гледаност затоа што им "е многу поинтересно да зборуваат за тоа, отколку за сопствените рејтинзи."
Нервозата е затоа што во време кога сите телевизии бележат пад на бројките, Нетфликс продолжува да ја зголемува продукцијата на нова програма. За годинава најавија дека ќе вложат 6 милијарди долари во нова програма. Сето ова е надополнето и со провокации од Нетфликс, од каде минатиот месец изјавија дека кога Наркос би се емитувал на кабелска телевизија, би бил погледан од Игра на тронови.
Објаснувањето на Сарандос е дека на Нетфликс му е важен бројот на претплатници (ги има 43 милиони во САД и 70 милиони во остатокот од светот), и дека Нетфликс никогаш не би ги објавил рејтинзите, затоа што нема намера да влегува во "неделната војна на бројки".
"Кога еднаш ќе објавиш гледаност за едно шоу, тогаш секое друго шоу ќе биде мерено во споредба со него, иако тие некогаш биле создадени за сосема различна и конкретна публика. Постои многу природна склоност да се каже 'во однос на тоа и тоа шоу, ова е неуспешно.' Ова става доста креативен притисок врз расположливиот талент," објаснува Сарандос.