Според Сити Рисрч, со исклучок на Олимпијадата во Лондон, телевизиите бележат само негативни рејтинзи од септември 2011-та до денес. Иако рејтингот паѓа на ниво на сите телевизии, сепак ситуацијата е далеку потрагична кај големите мрежи заради сериозната конкуренција од тематските и кабелските канали со поквалитетна програма како АМЦ и ХБО.
Рејтинзите паѓаат и за големите ТВ настани како плејофот во бејзбол или финалињата на НБА. Натпреварите од првото финале на Џордан против Лејкерси во 91-ва ги гледаа во просек по 23,9 милиони луѓе - на последното во 98-ма, просекот беше 29 милиони. За споредба натпреварите од првото финале на ЛеБрон во 2007-ма во просек ги гледаа по 9,3 милиони луѓе, а на последното во 2013-та, просекот беше 16,2 милиони.
2013-та, може да биде прв пат во изминатите 5 години кога бројот на кабелски претплатници во САД ќе биде под 40 милиони. Падот на ТВ гледачи ги паничи телевизиите и затоа што парите од рекламите почнуваат полека да се селат заедно со публиката.
Инаку не е дека луѓето не гледаат видео содржини, само не ги гледаат на телевизија, туку претпочитаат видео содржините (вклучувајќи тв шоуа и серии) да ги гледаат во термини кога тие ќе сакаат и тоа најчесто на интернет или на мобилни уреди. Па така околу 40% од целиот сообраќај на ЈуТјуб доаѓа од мобилни уреди.