Нема потреба Џорџ Р. Р. Мартин да ги заврши книгите од Игра на тронови

1996 Џорџ Р. Р. Мартин ја објавува Игра на тронови, првата книга од серијалот Песна за ледот и огнот. 14 години подоцна ХБО вика "нека биде серија," и работите почнуваат да се менуваат, вклучително и притисокот врз Џорџ Р. Р. Мартин да заврши тоа што почнал.

По Игра на тронови, Мартин вади уште 4 книги, од кои последната е во 2011. За комплетирање на серијалот тој има ветено уште 2, и веќе 6 години никако да испорача ништо од тоа.

Мартин верува дека шестата книга, Ветровите на зимата, ќе ја заврши годинава, што генерално веќе не му прави разлика на ХБО, кој во 6-та сезона од серијата веќе отиде многу понапред во приказната отколку она што се раскажува во книгите.

Емили Драјфус во Вајард на сите им порачува да престанат со малтретирање на Џорџ Р. Р. Мартин околу завршувањето на книгите:

"Песна за ледот и огнот повеќе не е водичот низ Вестерос. Приказната на Мартин, светот што тој го изгради сега живее на ТВ. И сега кога ХБО готви спиноф серии базирани на оригиналот, стана официјално: ТВ универзумот ги засени книгите и стана канонот на Игра на тронови.

И тоа е во ред. Стварно е. Не во 'светот гори а јас се правам ко ништо да не е' смисла. Туку е ОК затоа што светот на Вестерос не е нешто конкретно - туку тој се уште се гради. Тој дури се реализира и вон имагинацијата на Мартин, побрзо отколку што тој може да пишува реченици."

Примери за ова ги има од Кум, до Сјаење и Блејд ранер, до Ајкула. Спротивен развој има во Ѕвездени војни, каде дури по премиерата на филмовите почнуваат да излегуваат книги и стрипови. И во ниту еден од овие случаи, новиот медиум не нуди идентична копија на оригиналот.

"Повеќе од сè тие се прозори во свет од кој на луѓето не им е доста - нешто што следните книги на Мартин би требало да станат. Во секој случај ниту еден од овие материјали не ја уништи изворната содржина. Никој од нив не ги уништи приказните што излегоа пред нив," пишува Драјфус.

Ваквиот тек е крајно проблематичен за фановите што го почнаа серијалот како книга и очекуваа исто и да го завршат. Наместо тоа сега треба да гледаат како ХБО ја комплетира нивната приказна.

"Ама надвор од тоа, она што фановите на Игра на тронови навистина го посакуваат е уште од Игра на тронови."

 

6 мај 2017 - 18:27