Сценариото кое се уште се разработува од екипата најмена од Амазон, се чува во просторија без прозорци, во која можеш да влезеш само со отпечаток од прстот.
„Сместени се во Санта Моника. Треба да минеш бројни контроли за да стигнеш до нив. И сите прозорци им се покриени без можност за отворање.
Пред врата седи обезбедување, а внатре можеш да влезеш само со отпечаток, затоа што планот за целата сезона им е изложен во просторијата,“ објаснува во интервју за Холивуд репортер директорката на Амазон студиос, Џенифер Салке.
Тука некаде завршуваат и сите информации што таа ги дава околу серијата, на страна тоа дека имаат одлична соработка со Толкин трустот од кого и ги купија правата за делата на британскиот писател.
За сега главната претпоставка е дека ТВ серијата ќе се концентрира на животот на ренџерот Арагон, ликот што во филмот го глуми Виго Мортенсен. Што се однесува до приказната се знае дека нема повторно да се раскажуваат настаните од филмската трилогија туку најверојатно ќе се фати од младоста на Арагон. Заради возраста на Мортенсен (59 години), веројатно друг глумец ќе биде избран за улогата во серијата.