Род Стјуарт си игра со вовчиња

Последната музичка вест е дека Род Стјуарт е спремен да плати 300.000 долари за да свири на следниот Гластонбери, веројатно како последен голем проштален концерт. Но, во неговиот живот музиката никогаш не била сè. Имаше место и за скапи жени, скапи фудбалски клубови и - вовчиња. Само што, и тоа кај него не е скромно. 

Иако еден од неговите најголеми глобални хитови му беше „Sailing“, на Род Стјуарт во душа му е сосема поинаков транспорт.

Со години е пасиониран вљубеник во модели на железници и има изградено колекција од светска класа која планира да ја премести од неговиот дом во Лос Анџелес во неговиот селски имот во Англија.

Неговиот импресивен железнички сетап кој се вика „Grand Street and Three Rivers Railroad“ зафаќа површина од 156 квадратни метри! 

Во него има високи облакодери, мостови, сообраќаен метеж и железничка пруга од 275 метри низ детално изработен градски пејзаж, изграден во период од 23 години.

Планира во Англија да продолжи да ја надградува макетата.

„Не сум задоволен со светлата, ќе мора да се поработи на тоа,“ изјави ѕвездата од 70-тите години за еден специјализиран магазин за моделари.

А за Гластонбери, понудата била да му се обезбеди слот на сцената на „Легендите“, но тој да ги подмири трошоците за прекуокеански транспорт на огромната опрема и бројната екипа, што со задоволство го прифатил.

„И милион да ме кошташе, ќе прифатев.“

Пред неколку години Стјуарт одби понуда од милион долари да настапи во Катар поради нивните ограничувања на сексуалните слободи.

Поради шкотската крв по таткова страна, своевремено донираше милионска сума за Селтикс, кога на клубот му беше најтешко.

Се женеше трипати но уште попознат беше по разводите кои го чинеа вагон (и пак не замрази возови). После последниот развод во 2006-та  од Рејчел Хантер, кој го чинеше пет милиони долари, кажа:

„Наместо пак да се женам, ќе најдам жена што не ми се допаѓа и туку така ќе ѝ дадам куќа“.

 

20 декември 2024 - 11:10