За Папите, Ватикан и Бенедикт

Оставката на Папата Бенедикт е права вест: последен пат ваква вест сме имале пред 600 години. Мало буричкање по битни и небитни факти на темата.

За папите

Папата се смета за директен наследник на Свети Петар, апостолот, ерго, претставник на Господ на Земјата.

Дури во третиот век се утврдило дека Свети Петар е првиот бискуп на престолот на Рим.

Прв Папа кој дал оставка е Свети Понтаин (230 - 235). Досега вкупно 9 оставки, ако се смета и онаа на Клемент кој привремено му ја препуштил круната на Линус а подоцна повторно станал Папа. Последната оставка е пред 600 години.

Адриан Први стана поглавар на 80 годишна возраст, Најмлад – Јован Павле 12-ти, на 18 години.

Нема Јован Павле 10-ти. Утка на службите.

Во 1147-ма, има недела со два четвртока. Папата Евгениус Трети патува за Париз, закажано му е да стигне во петок. За да има фора да стигне на посниот ден, прогласува дополнителен четврток, само тој пат.

Во мало сопче некаде во Ватикан посто мала столица на која мора да седне избраниот. И да докаже дека е машко, т.е. дека има јајца. Кардинал ја има таа привилегија да ги опипа доказите.

Смртта на Папата се обзнанува откако упокоениот ќе биде три пати чукнат по челото со сребрено чеканче. Ако не реагира, се прогласува за трајно недостапен.

Егзорцизмот редовно се изведува под закрила на Ватикан. Претходниот поглавар Јован Павле сам има изведено три обреди на истерување на ѓаволот а Бенедикт ја прошири листата од лиценцирани егзорцисти. Само во Италија ги има 350. Најјак е главниот истерувач Габриеле Аморт кој годишно изведува преку 300 избавувања од Нечастивиот.

Папата е единствениот човек на Земјава кој со молитва може да ургира за судбината на покојник во задгробниот живот.

За Ватикан

Ватикан е стар нецели 100 години. Основан е со Латеранскиот договор од 1929-та, всушност од Мусолини кој го прогласува за независна држава.

Тоа е единствената држава во која немаш право на граѓанство ако се родиш во неа. Статусот се добива со назначување на некоја работа/функција во Ватикан. Ако го изгубиш жителството после работата а немаш друго државјанство, по автоматизам стануваш италијански државјанин.

Во Ватикан има банкомат на латински јазик.

Латинскиот не е официјален јазик. Таков не постои. Главните документи се пишуваат на италијански.

Во 2006-та година, првиот човек на Ватиканската опсерваторија, отецот Хозе Фунес ја дозволи можност да постои живот и на други планети. Се разбира, и тие облици се божја креација.

Ватикан е држава со најголема стапка на криминал во светот. Со оглед на тоа што има само 800 државјани, не е чудно што џепарењето и слично прават стапка од 130 проценти криминални дела по глава на жител. Има и најголема стапка на полицајци и туристи пер капита.

Наместо кон државата, Италијанците можат да одвојат 8 проценти од давачките за Ватикан.

Постојат 5 случаи во кои и покрај исповедта не може да се добие опрост од свештеникот. Три од овие грева се однесуваат на свештени лица а два грева се за смртници: првиот да богохулиш со причеста која се смета за тело и крв Исусова и вториот, ако пробаш да му наштетиш на Папата. За овие посебни случаи, за простување на гревовите потребно е да заседава посебен Трибунал на Ватикан.

За Бенедикт

Таткото на Јозеф Рацингер бил полицаец.

Регрутиран е во нацистичката војска но дезертира.

Зборува германски, италијански, француски, шпански и португалски. И латински, нормално.

Има возачка дозвола за хеликоптер и често лета од Ватикан кон летниковците. Возачка дозвола за автомобил нема.

Свири на пиано, го сака Моцарт и Бах. Има иПод од 2006-та. Навива за Баерн Минхен. Сака мачки и пиво (Franziskaner Weissbeer).

Редовно праќа СМС-и на оние кои го сакаат овој сервис. Отвори и твитер акаунт. Промовираше и повеќејазична апликација за ајфон со молитви.

11 февруари 2013 - 14:03