За оние радикалните од секоја религија злото демне од секое ќоше и само чека добра прилика за да ве зграпчи во своите канџи. Една од тие форми кои може притоа да ги поприми натемаго е и цртан филм.
За Хрвоје Пољак, католички свештеник од Нови Винодолски во Хрватска, злото има едно име - Сунѓер Боб. Тој е толку убеден дека смртните гревови се персонифицирани преку ликовите од овој цртан филм, што одлучил оваа вистина да ја сподели со родителите, наставниците и со самите деца. За таа цел испечатил флаери во кои детално објаснува зошто овие подводни ликови се контра христијанските вредности. Според него Сунѓерот Боб Панталоновски, Патрик морската ѕвезда, Песка Образга, Лигњон Пипало и г-дин Ратко Рак (како што гласат нивните македонски имиња) се демон до демон, и ги претставуваат сладострастието, гордоста, алчноста, зависта, дрчноста, гневот и мрзливоста (бар се потсетивме кои се).
Ваквата теорија не е сè уште пристигната во САД, од каде потекнува цртаниот, но затоа во соседната Србија, кај православните верници, со години кружи истата приказна, и со истите аргументи (само таму до сега никој не се сетил да направи и леток).
Борбата против сите зла на планетава за овој свештеник сепак не завршува со цртаните. Тој е остар противник и на јогата (на оваа тема и МПЦ не е покусо), а проповедите на оваа тема ги пуштал и на разглас. И за ова го употребил омилениот медиум - флаерот - на кој има и сведоштво на анонимна жена која се исповеда дека додека вежбала јога одеднаш „почнало да ја впива нешто црно“. Ништо подобро не поминува и фенг-шуи, кое според свештеникот е „окултно магиско делување на Сотоната“.
Младиот свештеник во служба на Бог влегол со 24 години, а претходно свирел во, како што ги вика нагалено, „комерцијални бендови“. Тоест по свадби и хотелски тераси.
Види и: Отец Покемоније