Двете видеа со панорамата од скиентолошкиот комплекс од 2 километри квадратни (општина Чаир е 3,5 километри квадратни):
Новинарот Тони Ортега од Ундерграунд бункер околу снимките разговара со Том Девохт, поранешен функционер во Скиентолошката црква вклучен во градењето на комплексот, кој подоцна е избркан од таму по основа околу која двете страни уште се препукуваат.
Темата за разговор со Девохт е чисто техничка и мапографска, односно да посочи кој објект за што служи, меѓутоа по пат успева да уфрли и неколку лични забелешки околу објектите.
Првите два реда згради кои се појавуваат на снимката се "леглата", кои се меѓу поновите објекти и направени се по барање на првиот човек на скиентолозите, Дејвид Мискавиџ, кои според сведоштвото на Девохт треба да му служат за притвор за дисидентите.
Куќарката долу десно на сликата под нив, е фитнес сала наменета за Мискавиџ.
Видеото потоа продолжува кон една од најмасовните градби во комплексот, кој го носи името Зграда 50, и во неа се канцелариите на Религискиот технолошки центар и неговиот претседател, Дејвид Мискавиџ. Станува збор за огромна куќа, со големи соби кои се на располагање на Мискавиџ. Правоаголнестиот објект во продолжеток на Зграда 50 е гаражата за автомобилите на Мискавиџ, а во близина е и мала електраната (не се гледа на сликата) која може да ја снабдува со струја целата база.
На лево од зграда 50 е куќата Бони вју, која го добива името по куќата што Рон Хабард (основачот на Скиентологијата) ја купува кога решава да се пресели тука. Станува збор за пристојна куќа, во која Хабард планира да живее додека е во базата. Сепак, на барање на Мискавиџ таа е срушена и изградена е нова и далеку поголема верзија од оригиналот. Според Девохт во куќата денес се чуваат предмети од животот на Хабард, и претставува еден вид музеј. Неговата процена е дека оваа куќа е подеднакво лошо изградена како и Зградата 50, и во случај на посилен земјотрес најверојатно ќе се сруши.
Малата куќарка десно од Бони вју е гаража во која има два автомобили на Хабард. Правоаголнестата зграда горе лево е Олимписки базен изграден за Хабард, а трите куќарки во горниот дел од сликата се гостински куќи, на пример за Том Круз кога им доаѓа во посета.
Во следниот кадар се неколку расфрлани објекти за разни дејности, меѓу кои има училници, канцеларии, приемно за нови членови, фото, видео и аудио студио. Коцкестиот објект, со рамни кровови во близина на автопатот е поранешниот затвор во кој според Девохт од 2004 биле затворени околу 80 членови на организацијата. Затворот работи во следните неколку години и е поставен по барање на Мискавиџ. Секое утро затворениците преку подземен тунел минувале под автопатот на туширање во долгата дупла зграда од другата страна.
Од другата страна на автопатот, се наоѓаат и студијата кои ги користи Голден ера продукцијата.
Во продолжение на снимката е едно од главните езерца, кое некогаш било само мала бара, во која скиентолозите по казна требало да скокаат.
Во една повратна снимка на Зградата 50, Девохт објаснува дека кога тие доаѓаат пред неколку децении и почнуваат да го работат комплексот тој е комплетна пустина. Згора на ова Мискавиџ бара неговата куќа да изгледа како да е направена сред шума, "како да си сечел дрвја за да ја направиш мојата куќа." Тој инсистирал да се засадат високи дрвја, а не мали, кои ќе пораснат. Ова излегло невозможно, заради локацијата и климата, па се снашле со "највисоките дрвја што беа достапни". Дрвјата чинеле и до 10.000 долари од стебло.
Објектот во близина на отворениот базен што наликува на брод, бил наменет за Хабард, за "комодорот" да се чувствува како дома.
Преку автопатот се наоѓа и мензата и кујната за сите жители и вработени во базата, заедно со играчници за директорите. Зад нејзе, одма до двата долгнавести објекта во форма на Г, се наоѓа и поранешното филмско студио на скиентолозите.