Дефинирање на приоритети, делегирање задолженија, фокусирање, и најважното - посветеност и дисциплина. Само тоа е потребно за човек да батали тоа мултитаскингот, и да почне да работи ефикасно, на една единствена работа.
Ако сте веќе и самите уморни од истовремено правење сто работи, од кои ниту една на крај не излегува како што треба, еве добра стратегија како да се вратите на старата мудрост - носење на само една лубеница под мишка.
Прво: направете приоритет на вашите дневни активности. Обично ниту имаме план, ниту имаме приоритети, туку оставаме денот да нè носи, често во насоки кои нè трошат, а се бескорисни. Другата крајност пак е правење преамбициозни планови, кои исто така фрустрираат. Совет - потценете го она што можете да го направите, за на крај на денот да бидете пријатно изненадени од тоа колку сте постигнале. Дополнителен бонус е што ќе бидете и помалку под стрес, ќе уживате повеќе во денот, а завршената работа ќе биде поквалитетна. Давањето пак приоритет на најважното ќе ви обезбеди добро оправдување, дека кога тоа ќе го завршите ќе можете да заминете од работа (или да излезете од дома) со чувство дека сепак најбитното е завршено.
Второ: треба да се биде селективен во реагирање на она што мислите дека е итно. Во текот на денот нешто може да изгледа како „оган" што мора да биде изгаснат, и токму тие кризи одземаат најмногу време и енергија. Но голем број од нив и не се толку итни колку што се чинат на прв поглед, и малку полежерен однос кон нив може да спаси некоја друга, поважна задача.
Трето: ако сте во ситуација да имате каков и да е помошник на работа, направете од него „вратар", некој кој ќе ги филтрира непотребните повици, кој ќе ги чита и ќе одговара на побаналните мејлови, а во кого сепак ќе имате доверба дека нема нешто да зафркне. Ако сте по табиет контрол фрик, олабавете. Вашиот тим ќе работи подобро ако покажете дека му верувате, а така добива и неопходно искуство и ги развива своите способности.
Четврто: структурирање на вашата непосредна околина. Под ова се подразбира таков физички распоред на вашето работно место кое ќе обезбеди минимум прекини и одвлекување на вниманието. Пример: затворена врата, удобна (не тврда) столица, исклучен мобилен секогаш кога тоа е можно, повремено расчистување на канцеларијата од непотребни хартии (истото важи и за компјутерот).
Да, за сето ова е потребна дисциплина и вежбање. Особено ако сте веќе „мултитанскинг џанак", нешто што веќе зазвучува како психијатриска дијагноза, а не како талент. Исто како и секоја зависност, и оваа најдобро се третира со признавање на проблемот и решителност тој да се отстрани. А ако додека го читавте овој текст бевте деконцентрирани затоа што истовремено правевте и други работи, почнете го од почеток. Овој пат без иле.