Крајот на Канцеларијата

Во наредните година-две, милиони луѓе ќе останат без работа затоа што вештачката интелигенција ги направила непотребни. Факултетските дипломи ќе треба сериозно да се преиспитаат дали вредат за парите и откажувањата. Ќе има многу стрес, очај, гнев. Уште сега совет на инвеститори гласи: „Продадете сè што се состои од луѓе што седат на биро и гледаат во компјутер“.

Claude Cowork објави плагинови со правни, финансиски и маркетиншки функции. Социјалните мрежи се полнат со софтвер девелопери кои се жалат дека станале непотребни. И со доктори.

На еден од моја фамилија, вештачка интелигенција неделава му програмираше веб-страница. Џа неколку минути го заврши она за што на дизајнер или на фирма би им требале денови.

Колку работни задачи во суштина се состојат од обработка на информации, а потоа презентирање некому за да донесе одлука? Сега не само процесот и извештајот ќе бидат автоматизирани, туку можеби и одлуката. Ова ќе резултира со големо распаѓање на таквите работни места.

Овој бран на автоматизација ќе исфрли на улица милиони вработени во следните 12-18 месеци. Како што една компанија ќе почне да се рационализира, сите нивни конкуренти ќе го следат примерот. Берзата ќе ве награди ако го намалите бројот на вработени и ќе ве казни ако не го сторите тоа.

Како што рече еден инвеститор:

„Продадете сè што се состои од луѓе што седат на биро и гледаат компјутер“.

Дали седите на биро и гледате компјутер поголемиот дел од денот? Сфатете го ова многу сериозно. Сакам да предвидам неколку од непосредните социјални ефекти:

1. Канцелариските работници на средина од кариерата ќе бидат отпуштани на ангро. Во моментов, во САД има околу 70 милиони канцелариски работници. Очекувајте тој број значително да се намали, за 20-50% во следните неколку години. Дури и намалување од неколку милиони би било тектонско а очекувам дека ќе оди многу подалеку од тоа ниво. Разговарав со извршен директор на технолошка компанија. Вика: „Во моментов отпуштаме 15% од работниците. Веројатно ќе отпуштиме уште 20% за 2 години од сега. А потоа уште 20% за 2 години. После тоа, којзнае?“

Најранливи ќе бидат средните менаџери. Што ќе прават тие потоа? Ќе бараат друга работа. Ќе им треба многу среќа, бидејќи корпорациите ќе бидат алергични на вработување. Многумина ќе најдат нешто со скратено работно време за да не седат бадијала. Еден мој пријател кој ја изгуби работата почна да волонтира во локална непрофитна организација која сега можеби ќе сака да му плати за да ја води нивната ИТ инфраструктура. Платата би била 80% помала од она што го заработувал порано, но можеби ќе ја прифати. Ќе има многу слични.

Очекувајте во најблискиот „Старбакс“ да работат многу средовечни поранешни канцелариски работници. Тоа е бенигна слика, но многу од овие семејства сè уште имаат хипотеки на своите куќи кои нема да можат да ги одржуваат. 

Нема да бидат само менаџерите. Ќе бидат засегнати и вработените во кол-центрите, маркетерите, кодерите, тимовите за финансиско работење итн; деловните функции ќе бидат компресирани во неколку клучни вработени дополнети со вештачка интелигенција. Во суштина, бројот на луѓе потребни за да функционираат големите корпорации драматично ќе се намали.

Во основа, мозочната моќ е стока што станува евтина.

2. Личните банкротирања ќе се зголемат. Американците генерално се веќе на нестабилна финансиска позиција, но тоа ќе стане многу, многу полошо. 

Можете да бидете засегнати дури и ако не сте канцелариски работник. Да речеме дека работите во хемиско чистење или шетате кучиња. Ако луѓето во вашата околина престанат да одат во канцеларија, вашата работа ќе страда бидејќи луѓе сами ќе си перат кошули или ќе си ги шетаат кучињата.

Количината на пари што се даваат за човечки труд ќе се намали. Таму каде што се зголемуваат финансиските проблеми и стресови, следат социјални проблеми, раскинати врски, зависности и очај. Жал ми е што немам подобри вести. Но, ќе стане многу тешко за многу луѓе. Направете план. 

3. Дипломирани студенти нема да можат да најдат работа. Невработеноста на скорешни дипломци веќе е до 52%. Многу млади ќе останат или ќе се вратат кај мама и тато или ќе се обидат да се сокријат на некакви постдипломски студии. Школските кредити ќе станат уште пооптоварувачки без можноста да се добие високоплатена работа. Многу млади луѓе ќе се соочат со добивање работа која не бара диплома, а ќе плаќаат за онаа што ја добиле со големи трошоци.

Десетици, можеби стотици, маргинални колеџи ќе се затворат во текот на неколку години. Сериозно прашајте се за цената на дипломата, бидејќи односот цена-придобивка се менува - на полошо - во реално време. Ако е евтина, стручна или врвна, во ред е. Ако е скапа и не води до конкретна можност... 

4.  Што ќе се прави со сиот испразнет канцелариски простор? Се подиспразни во пандемијата кога се работеше од дома, сега ќе стане многу полошо. Со тоа ќе се намалат и приходите на општините. Замислете урбана пустелија и морничави празни деловни центри што ќе доведат до зголемување на општинските даноци и намалување на услугите.

5. Некои веруваат дека политичарите нема да дозволат милиони луѓе да ги изгубат своите работни места и се надеваат дека попрво ќе ја забранат вештачката интелигенција. По земја ли одат овие луѓе? Не се потрошија стотици милијарди за оваа технологија за да се запре сега. Духот е пуштен од шишето.

Луѓето ќе бидат гневни. Испарува советот „учи напорно, најди добра работа, живеј пристоен живот“. Луѓето тоа нема да го прифатат добро, особено образованите кои мислат дека заслужуваат подобро.

Тоа е градежен елемент за револт. Гневот и очајот нема да бидат многу јасни и организирани, но сè повеќе луѓе ќе чувствуваат дека нема што да изгубат.

Ендрју Јанг

22 март 2026 - 11:52