Шимпанзата се на две пијачки дневно

Истражувачите од Универзитетот во Калифорнија откриле дека шимпанзата што јадат ферментирано овошје во нивните природни живеалишта консумираат еквивалент на два алкохолни пијалоци дневно. Ова ја поткрепува хипотезата по која човечката склоност кон алкохол е наследство од навиките на нашите предци. 

Истражувачкиот тим кој ги објави своите наоди во среда во списанието Science Advances, анализирал 21 вид овошје што редовно го јадат шимпанзата во Уганда и Брегот на Слоновата Коска за да ја измерат содржината на алкохол.

„На сите локации, машките и женските шимпанза консумираат околу 14 милилитри чист етанол дневно преку нивната исхрана, што е еквивалентно на еден стандарден американски пијалок“, изјави еден од екипата. „Кога тоа ќе се прилагоди на телесната маса, шимпанзо тежи околу 40 килограми во споредба со типичен човек од 70 килограми, испаѓаат два пијалока дневно.“

Истражувања од приматолози покажуваат шимпанзо јаде околу пет кила овошје секој ден и дека тоа е околу 75% од нивната исхрана. Истражувачите од Беркли утврдиле дека  јадат зрело овошје од 5 до 10% од нивната телесна тежина, па дури и ниските концентрации даваат значителна вкупна доза на алкохол.

Истражувачите уште не се сигурни дали шимпанзата активно бараат овошје со повисоки нивоа на етанол, ако е така, тогаш нивната потрошувачка на алкохол е и поголема.

Роберт Дадли, професор по интегративна биологија на калифорнискиот универзитет во Беркли е и автор на книгата „Пијаниот мајмун: Зошто пиеме?“ со таканаречената „хипотеза на пијан мајмун“ која претпоставува дека заедничките предци на луѓето и мајмуните веројатно јаделе слична исхрана, богата со алкохол.

„Човечката привлечност кон алкохолот веројатно произлегла од ова прехранбено  наследство на нашиот заеднички предок со шимпанзата“, вели тој. 

Уште еден интересен детал за темата: камери поставени во Националниот парк Кантанез во Гвинеја-Бисао ги снимиле шимпанзата како делат ферментиран африкански лебен плод кој содржи етанол.

Снимката е значајна бидејќи укажува дека шимпанзата споделуваат алкохол како социјална активност, слична на човековото однесување.

21 септември 2025 - 11:33