Оземпик да ти бил добар и за алкохол

На лекот за дијабетес кој стана популарно средство за слабеење, му нашле уште една употребна вредност што може да им помогне на милиони луѓе. Студија во Шведска покажала дека луѓе кои користат Оземпик имаат помали шанси да завршат во болница поради злоупотреба на алкохол. Накратко, со Оземпик нит ти се јаде, нит ти се пие. За секс уште не се знае.

Студијата објавена во списанието JAMA Psychiatry опфатила 228.000 луѓе во Шведска на кои им била дијагностицирано пореметување поврзано со употреба на алкохол помеѓу 2006 и 2023 година. Сите биле или дебели или имале дијабетес тип 2.

Околу 60% од учесниците биле хоспитализирани заради злоупотреба на алкохол во некој момент, но стапката била пониска кај оние кои користеле Оземпик или Вегови. 

Тие завршиле во болница поретко и од оние кои користеле дисулфирам, акампросат и налтрексон, лекови кои се одобрени за лекување на пореметувања поврзани со алкохол.

Околу 28 милиони Американци имаат вакви проблеми а достапните фармаколошки третмани не даваат сјајни резултати и релапсот е чест.

Не е јасно зошто Оземпик би бил ефикасен за намалување на желбата за алкохол (и за опиоиди), експертите веруваат дека тоа може да биде поврзано со тоа како лекот создава чувство на ситост.

Ќе требаат дополнителни студии GLP-1 лековите да се сметаат за третмани за оваа намена.

Во развојот на Оземпик, значајна улога имала и хемичарката Светлана Мојсов, ќерка на македонскиот и југословенски политичар Лазар Мојсов. Таа приказна ја имате во статијата „Науката ја исправи неправдата кон Светлана Мојсов

14 ноември 2024 - 11:22