Норвежани спроведуваат студија во која учествуваат млади меѓу 18 и 23 години. Нивниот заклучок е дека иако сам на сам мамурлакот е неподносливо искуство, истиот перципиран како последица на друштвена активност (пијанка) е доминантно позитивно искуство.
За младите мамурлакот бил клучен дел од приказната за претходната вечер што ја составуваат од парчиња од фрагментираните сеќавања на истата.
„Бев изненаден колку мала поддршка доби ставот дека мамурлакот е казна. Тие можеа засрамувачките искуства да ги зачуваат за себе, но со тоа што ќе ги остават пријателите да ги зафркаваат за истото тие ќе можат заедно да се смеат околу целата работа. Изгледа дека функционира како техника за справување со искуства од кои ти е срам и за кои се каеш,“ објаснува авторот на студијата, Еивинд Грип Фјаер.
Авторот на текстот за Вајс, Метју Нил, по опишувањето на норвешката студија, започнува со јавна исповед за сопственото пиење, кое не се случува во форма на излегување со пријатели или дремење во бар, туку опивање по дома додека гледаш Нетфликс. Израмнувајќи го сопственото искуство на пиење дома со опивање „во град“, Нил пишува:
„Она што го обединува искуството од мамурлакот е дека дента си попуштаме сами на себе. Си ги лижеме раните закрепнувајќи од пијанството кое направи сите одлуки од мината вечер да изгледаат разумни, долг кој сега мораме да го вратиме со камата. Правејќи го тоа ние валидираме штетно однесување. Некогаш тоа е ОК. Некогаш треба да се опуштиме, и следното утро да ги обработиме реперкусиите со пријателите. Тоа може да е одлично искуство како што нашите ценети норвешки колеги по журкање имаат откриено.
Опасноста не е дека ќе се разбудиме сред катастрофа налик Хенговер, туку дека ќе не пречека многу посекојдневната реалност, дека колку повеќе ги оправдуваме лошите навики, толку се зголемува опасноста истите да го сметаме како нормален дел од животот.“