Полиглотите имаат помлад мозок

Учењето странски јазици помага за спречување на когинитивниот пад, го освежува мозокот и го намалува ризикот од развој на деменција, покажува нова студија спроведена врз повеќе од 80.000 луѓе. Луѓето што зборуваат други јазици покрај мајчиниот имаат двојно помал ризик да покажат знаци на забрзано биолошко стареење. Ефектот се засилува со секој научен јазик.

Новата студија била спроведена на 86.000 луѓе на возраст помеѓу 51 и 90 години во 27 европски земји. Нивната возраст била споредена со биолошките податоци и специфични фактори како образованието, физичката активност и социјалните влијанија, за да се пресмета дали се биолошки помлади или постари за своите години.

Со компјутерски модели било потврдено дека оние кои редовно зборуваат неколку јазици имаат значително помала веројатност за забрзано стареење отколку луѓето кои зборуваат само еден јазик. Секој дополнителен јазик го засилувал заштитниот ефект. Истражувачите го нарекуваат ова „ефект зависен од дозата“.

Претходни истражувања сугерираа дека зборувањето повеќе јазици може да ги подобри когнитивните функции како што се меморијата и вниманието. Но, повеќето се потпираат на мали примероци и несигурни методи, што доведува до неконзистентни резултати што не можат да се генерализираат, вели коавторот Агустин Ибањез, невронаучник од Тринити колеџот во Даблин. 

Сузан Тојбнер-Родс, когнитивен психолог на Универзитетот Обрн во Алабама вели дека резултатите може да ги охрабрат луѓето поактивно да ги користат странските јазици или да научат нови. 

Петер Берлит, генералниот секретар на Германското друштво за неврологија, ги објаснува наодите со „ефектот на когнитивна резерва“ - луѓето што зборуваат повеќе јазици имаат поголема меморија на која можат да се потпираат во староста.

Тој додава дека учењето нов јазик може да биде едноставна и многу ефикасна препорака како превентива за деменција, која за јавното здравје би била исто толку важна како промоциите на физичкото вежбање или откажување од пушењето.

Треба да се направат дополнителни студии за да се утврди ефектот од странските јазици научени во детството и на доцна возраст. Верувам дека и двете можности помагаат, но тоа треба научно да се докаже, вели Берлит.

12 ноември 2025 - 15:01