
Нешто помалку од една четвртина (24,1%) од Европејците постари од 15 година користат цигари и други тутунски производи, повеќе отколку во кој било друг регион во светот, покажуваат податоци на СЗО од 2024 година. На глобално ниво се проценува дека има околу 1,2 милијарда корисници на тутун. Стапката на пушење се намалува во сите региони на СЗО, но во Европа тој процес е најбавен.
Студијата, исто така, за прв пат ги евидентираше глобалните стапки на вејпинг, за кои СЗО оцени дека се алармантни кај младите луѓе.
Глобалните напори за контрола на тутунот спречуваат милиони луѓе да пушат. Но, тутунската индустрија возвраќа со нови никотински производи со кои агресивно ги таргетира младите луѓе, предупреди генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус. Тој ги повика владите да дејствуваат „побрзо и посилно“ во спроведувањето на докажани политики за контрола на тутунот.
Користењето на тутунски производи во Европа од почетокот на овој век се намалило од 35% на 24%. Во истиот период преваленцата во Југоисточна Азија се намалила од 54% на 23%.
Истражувањето покажува дека класичните цигари им го отстапуваат местото на електронските. Најчесто се користат во Америка (4,8% од популацијата) и во Европа (4,6%). Овие проценти се однесуваат на лицата постари од 15 години.
Загрижувачки повисока стапка е утврдена кај помладите, на возраст помеѓу 13 и 15 години. На глобално ниво електронски цигари користат околу 7,2 % од младите во оваа возрасна категорија, што е еквивалентно на околу 14,7 милиони деца. СЗО предупредува дека реалната бројка е многу повисока, бидејќи со истражувањето биле опфатени региони со 75% од светската популација.
Електронските цигари поттикнуваат нов бран на зависност од никотин. Тие се нудат како производи со помала штета, но всушност создаваат зависност од никотин кај децата, вели Етјен Круг, раководител во СЗО.
Европската комисија најавува построг став против пушењето, кое се поврзува со зголемен ризик за рак и срцеви заболувања. Еврокомесарите за здравство и Оливер Вархеји и за даноци Вопке Хоекстра најавија зголемување на минималните даноци за новите никотински производи.
Вејповите ги убиваат нашите деца, изјави Хоекстра.