Деца што ќе го упропастат пиењето

Во тинејџерскиот дел од интернетов и социјалните мрежи се појави нешто што се вика #NekNominations - игра во која твоите другари те номинираат да пиеш алкохол во бизарни околности, додека тие сето тоа го снимаат за да го стават на интернет. До сега неколкумина имаат умрено од ова.

Минатиот викенд 19-годишниот Џони Бирн умре додека се обидуваше да ја изигра играта, која во неговата верзија предвидуваше пиење на екс на 3 различни типови алкохол и потоа скокање во една надојдена река во Ирска. Бирн се удави. Неговото тело беше најдено следниот ден.

Во друг случај, 38-годишен маж (што баш и не е тинејџер) кој испил 7 кригли Бадвајзер, силувал една своја познаничка на која и се понудил вечерта да ја врати дома.

Во останатите примери кои минаа далеку подобро тинејџерите обично пијат по неколку лименки или кригли пиво додека се скијаат или се наопаку обесени.

Во текот на минатата недела 19-годишна Британка се соблече до долна облека сред супер-маркет, и на екс испи лименка Стела Артоа, додека беше снимана и поддржувана од своите пријатели. И покрај тоа што нејзиното видео заврши во медиумите и по вестите, таа некако не е пишман околу својот избори и во меѓувреме постојано ги ретвитува сите пораки за поддршка што ги има добиено.

Целата игра почнува во Австралија и Нов Зеланд, и речиси инстантно се шири во Ирска и Британија. Генерално сите возрасни се извадени од памет околу целата работа и по сите можни медиуми апелираат ова да се прекине.

10 февруари 2014 - 11:21