Западна нога веќе да не стапне на Монт Еверест

Со пролетта на Хималаите започнува и кратката, 6 до 8 недели, сезона за искачување на Еверест, кога илјадници странци ќе пристигнат во Непал во обид да ја искачат најголемата планина на планетата, и да влезат во клубот од околу 8.500 членови на кои ова им успеало.

„Меѓутоа по речиси еден век експедиции на Еверест, 288 смртни случаи и повеќе тони ѓубре кое скапува на падините на планината, дали може веќе еднаш да се стави крај на овие суетни проекти на Западњаците?“ пишува Сајмон Паркер во Телеграф.

И самиот Паркер едно време е со намера да го искачи Еверест, но брзо се откажува откако подлабоко се зачитува што сè случува на експедициите, општо атмосферата при искачувањето и теренот кој го очекува.

Самиот подвиг станува се поевтин и попрофесионализиран, па за време на минатогодишната сезона врвот го искачија 648 планинари (со помош од околу 350 шерпаси). Прашањето на Паркер е и „уште колку истоштени ’авантуристи’ треба да видиме како го закачуваат британското знаме на врвот пред целата работа да ни стане малку... досадна.“

Моментално полната цена на експедицијата е околу 60.000 фунти по човек, додека најниската е некаде околу 20.000. И според општото искуство „добиваш онолку услуга колку што си платил.“

Од целата работа Непал добива наплив на туристи, кои претежно доаѓаат комплетно опремени од замрзната храна до опрема за качување, не трошејќи во земјата ни пара повеќе од она што мора.  И додека голем број искачувања на врвот се прават во име на хуманитарни цели, Непал останува една од најсиромашните држави на светот. Притоа просечната плата на шерпа за една сезона се движи меѓу 3 и 5 илјади долари.

„Ни за момент не ми е намера да кажам дека неправди како оваа не постојат секаде низ светот - и тоа посебно во туристичката индустрија. Само не сум сигурен колку би бил лагоден, да ја собирам целата слава како Западњак, знаејќи дека на тим Непалци кои значително повеќе изработиле од мене им е платено толку малку.

Да не забораваме како тие 40 кг. бутан, протеински барови и садови за готвење стигаат до кампови на 8.000 метри?

Како новинар кој покрива патувања верувам дека имам должност и обврска да ги кажам работите какви што се, без разлика колку тоа може да ги вознемири наклонетите кон некое место или активност. Секако доминираат аспирации и позитивност, но понекогаш, се надевам дека ќе ни го дозволите повремениот излет во ширење страв.

Во моето 5-годишно живеење и известување во Перу сведочев како растеше и се ширеше трекинг индустријата, по мое мислење, до неодржлив обем. Дел од патеките за пешачење беа ужасно преполнети, преплавени со ѓубре и отруени од тур-оператори кои кратеа на сите страни само за да дојдат до пари. Сум бил во забавни паркови што се потивки отколку кое било утро на Мачу Пикчу.

Како што популацијата на планетава расте и нашиот расположив доход се зголемува, се повеќе луѓе ќе имаат можност за патување - и се надевам дека тоа ќе ги прошири нашите заеднички хоризонти.

Сепак, само повремено да се реши да не се однесе некаде, или да не се направи нешто, може да има попозитивно влијание на местото отколку тоа стварно да се посети.

На Непал секако туризмот му е неопходен и таму има десетици алтернативни патишта и локации што можат да го одржуваат адреналинот на авантуристите, ама тоа не мора да е Еверест,“ пишува Паркер.

Телеграф има и список од 15 предлози за планинарење низ целиот свет.

****
Претходно:

- Колку пари ти требаат за да го искачиш Монт Еверест во 2017

5 април 2018 - 12:31