Колку пари ти требаат за да го искачиш Монт Еверест во 2017

За тие што ги следат овие работи знаат дека годинава се кренаа цените на експедициите до највисокиот врв на светот, со тоа што најдрастично поскапување имаше од кинеска страна, каде дозволата за тим од +4 членови порасна од 7.000 долари по планинар, на 9.950 долари. А тоа е само дозволата.

Во зависност од тоа колку сакаш да ти биде екстремно искачувањето, експедициите се движат од 28 до 85 илјади долари по човек (поевтино = поекстремно во однос на услови на искачување и општо искуство).

Растот на цената е заради историски високата заинтересираност околу искачувањето на врвот, која последниве години само е надополнета со прилив на планинари од Индија и Кина.

Трошоците за искачувањето на Еверест се делат во четири посебни групи, без разлика од каде ќе го искачуваш:

- патни трошоци
- дозволи / осигурување
- залихи и опрема
- водичи


Патни трошоци – од 500 до 10 илјади долари

Патувањето може да чини од 500 до 10.000 долари во зависност од тоа каде живееш. Кога ќе стигнеш со авион во Непал, од Катманду треба да леташ до Лукла или Ласа за патувањето до првиот камп, што е плус уште неколку стотици долари.

Од Лукла до првиот камп има нешто помалку од една недела пат. Тука треба да се пресмета пат и спиење, за тебе и за твојата поддршка. Ова се плус од 400 до 1.000 долари во зависност што и како ќе избереш. За да заштедиш, секогаш можеш да спиеш во својот шатор.

Освен што треба сам да се довлечкаш до кампот, треба да ја однесеш и опремата - шатори, храна, кислород и слично. Најголемиот број за ова ангажираат носачи и јакови кои чинат од 20 до 40 долари на ден од товар. Поголемите експедиции ангажираат хеликоптери чија цена влегува во вкупната сума.

Ако се качуваш од кинеска страна заштедуваш дел од парите, затоа што можеш со возило да стигнеш од првиот камп.

До Катманду - 2.425 до 8.325 долари

- Авион од 1.500 до 7.000 долари зависи од каде и колку дополнителна опрема имаш.

- Превозот од Катманду до Лукла е 325 долари повратна карта од човек.

- Хотел и храна во Катманду од 300 до 700 долари.

- Непалска виза 100 долари.

- Имунизација 200 долари.

До првиот камп - 1.240 до 1.800 долари

- Јакови од и до основниот камп, 40 долари по јак на ден за товар од 55 кг. (4 јака за минимум 4 дена или 640 долари).

- Дополнителна јак на кинеска страна е 300 долари.

- Носачи од и до основниот камп се 20 долари од носач на ден за товар од 25 килограми (3 носачи за 6 дена минимум или 360 долари).

- Чај и храна за по пат до кампот од 20 до 100 долари на ден по човек. 7 дена од 140 до 700 долари.


Дозволи и осигурување

Од непалска страна дозволата е 11.000 долари по планинар, и во овие пари е вклучено само тоа што смееш да се качиш. (На други планини во парите за дозволата ти е вклучена хеликоптерска евакуација, или испраксирани помошници и сл.)

Непалците исто така бараат и да ангажираш локална компанија да ти ја брка дозволата, што чини 2.500 долари за тим, плус 4.000 повратен депозит за фрлање ѓубре од тим и 3.000 долари за човек за врски. Ова се дополнителни 9.500 долари трошок за тимот што треба да ги платиш пред 11-те илјади за дозвола.

Од 2013 Непал воведе правило со кое од секој странски планинар се бара да ангажира локален шерпас како водич. Ова додава најмалку 4.000 долари на вкупната сума.

Најголемиот дел од организаторите на тури бараат барем да се има платено осигурување за евакуација и покриена здравствена заштита. Дополнителен совет е да земеш осигурување за откажување на патувањето, што посебно користи во ситуација кога сезоната предвремено се затвора заради временски неприлики.

Од кинеска страна дозволата е 9.950 долари по човек за тимови над 4 луѓе. Ако тимот е составен од тројца или помалку цената скока на 19.500 долари по човек. Кај кинезите ова вклучува превоз до основниот камп, сместување, човек за врски, надомест за ѓубре, пет јака до таму и четири јака на враќање по човек.

Кинеската дозвола годинава поскапе за 34%. Ако сакаш од кинеска страна да имаш непалски шерпас, цената за неговата работна дозвола е 3.000 долари, плус 5.000 долари плата. Од кинеска страна осигурувањето за евакуација е компликувано затоа што спасувањето претежно го прават местачите на јажиња и самите планинари кои си помагаат еден на друг. Кинезите не дозволуваат прелетување на хеликоптери.

Надомест за искачување - од 20.600 до 25.650 долари

- Непалска дозвола - 11.000 долари од човек.

- Надомест за непалската агенција што ќе ти вади дозвола - 2.500 долари од тим.

- Човек за врски - 3.000 долари од тим.

- Медицинска поддршка во јужниот камп - 100 долари од човек.

- Кинеска дозвола - 9.500 долари од човек за тимови поголеми од 4 луѓе.

- Надомест за ѓубре и човечки отпад - 4.000 долари од тим.

- Надомест за луѓе кои ја одржуваат патеката - 2.500 долари од тим или 600 долари од планинар.

- Надомест за поставени јажиња - 150 долари од човек.

- Временска прогноза - од 0 до 1.000 долари.

- Пуџа - 300 долари.

Осигурување од 70 до 3.000 долари

- Осигурување за евакуација - од 70 до 500 долари.

- Медицинско осигурување - 500 долари.

- Осигурување за спасување заради каква било медицинска причина и откажување на патувањето - 3.000 долари.

- Приватен хеликоптер од јужната страна на Еверест - од 5 до 20 илјади долари (на северната не е достапен).


Залихи и опрема - од 800 до 29.450 долари.

Можеш сам да готвиш во основниот камп ама најголемиот дел од луѓето користат непалски готвач и помошници по цена од 5.000 долари. Плус буџет од околу 800 долари по човек за храна и гориво за време на 6-неделното искачување на Еверест.

Кислородот чини околу 550 долари по шише, а до врв ти требаат минимум 5 шишиња. Ќе ти треба и маска (450 долари) и регулатор (450 долари). Можеш сам да го носиш својот кислород до повисоките кампови, ама најголемиот дел од луѓето користат шерпаси. Ако ангажираш шерпас ќе треба и за него да обезбедиш кислород, што ќе те чини дополнително 2.000 долари.

Чизми, слоеви облека, ракавици, вреќи за спиење, ранци и слична опрема ќе те чини барем 7.000 долари ако купуваш на ново. Само чизмите за големи височини од Ла Спортива или Милет чинат околу 1.000 долари.

Разно - од 7.750 до 17.000 долари

- Комплетен медицински пакет - од 500 до 1.000 долари. Плус 2.000 долари за хипербарична вреќа.

- Шерпаси, готвачи и бонус - од 250 до 2.000 долари.

- Лична опрема - 7.000 долари.

- Сателитски телефон (сопствен) - од 1.000 до 3.000 долари во зависност од користење.

- Опрема за Шерпаси - 2.000 долари.

Основен и високи кампови - од 3.800 до 8.800 долари

- Шатори - 3.000 долари нов (за спиење, готвење, тоалет...)

- Готвач - 5.000 долари за готвач и помошник за период од 6 недели.

- Храна и гориво - 800 долари по човек за 6 недели.

Поддршка за искачување - од 3.650 до 8.650 долари

- Шише кислород - 550 долари од шише (потребни се 5).

- Маска за кислород - 450 долари.

- Регулатор за кислород - 450 долари.

- Шерпас - 5.000 долари за личен Шерпа и уште 2.000 долари за кислород за него.


Логистика - од 30 до 80 илјади долари

По влегувањето на непалски компании во бизнисот, стандардните цени на западните компании од 40 до 65 илјади долари по човек почнаа сериозно да паѓаат. Па ако некогаш само западен водич чинеше меѓу 10 и 25 илјади долари, непалски компании почнаа да го нудат целиот пакет за 18.000 долари по планинар.

Кога Непалците сфатија дека оставаат многу пари, а има побарувачка за услугите, последниве две години тие почнаа да ги креваат цените. Па просекот за 2017 отприлика е:

- За искачување со Шерпас од непалска страна: 46.750 долари.

- За искачување со западен водич од непалска страна: 65.000 долари.

- За искачување со Шерпас од кинеска страна: 39.980 долари.

повеќе

29 мај 2017 - 12:00