Врз основа на генетски дизајни изработени од специфични алатки со ВИ, научен тим од Институтот „Арк“, во Пало Алто, Калифорнија, објави дека создале 16 типови бактериофаги, патогени што не можат да нападнат луѓе, животни или растенија, туку само одреден тип бактерии.
За дизајнот на вирусите ги користеле алатките „Ево1“ и „Ево2“, кои биле нахранети со околу 9 милијарди генетски секвенци на вируси, бактерии, растенија, животни и луѓе.
Алгоритми потоа дизајнирале нови генетски кодови за патоген што би можел да ја убие бактеријата E.coli. Биле идентификувани 302 потенцијално ветувачки дизајни, кои потоа биле синтетизирани во живи вируси во лабораториски услови. Од нив, 16 се покажале успешни за убивање на бактеријата, а во исто време биле способни да опстанат и да се размножуваат.

Всушност, во лабораториски услови некои вештачки вируси се размножувале побрзо од природните еквиваленти.
Ова е многу значаен пресврт, бидејќи отвора можности за справување со најголемите предизвици на човештвото. За првпат во историјата, почнуваме да ја дизајнираме биологијата на компјутер, изјави професорот Марк Гуел од лабораторијата за синтетичка биологија при Универзитетот „Помпеу Фабра“ во Шпанија.
Паралелно со студијата, списанието Science објави и опширен коментар потпишан од докторите Томас Инглсби и Мориц Ханке од Центарот за здравствена безбедност при Универзитетот „Џонс Хопкинс“. Тие предупредуваат дека резултатите покренуваат итни прашања поврзани со биолошката безбедност и биосигурноста.
Прашањето повеќе не е дали ќе постои генеративен дизајн на вирусни геноми, туку дали тој може да се користи без притоа да се спречи нанесување сериозна штета. Едноставно некој може на алатките со ВИ да им каже: „Измени го геномот на вирусот на грип за да биде позаразен или посмртоносен“, предупредува Ханке.