Наместо да дишат кислород, бактерии создаваат струја

Бактерии како ешерихија коли генерираат струја додека дишат на специфичен начин. Тоа не значи дека утре ќе можеме да ги замениме енергетските централи со плантажи од бактерии, но специфичната способност придонесува за развој на биоелектронски сензори во средини без кислород, нови алатки за медицинска дијагностика, следење на загадувањето или мисии во вселената.

Одреден тип бактерии имаат способност да исфрлаат електрони околу себе создавајќи струја, наместо да дишат кислород како понапредните оргамизми, открил биоистражувачки тим од Универзитетот Рајс во Хјустон Тексас.

Студијата, која ги спојува биологијата со електрохемијата, поставува основа за идни технологии што би ги користеле уникатните способности на микроскопските организми.

Повеќето организми вдишуваат кислород за да ја метаболизираат храната и да ослободат енергија. Кислородот е последниот акцептор на електрони во синџирот на реакции што произведува енергија. Но, бактериите, далеку постари од растенијата и животните развиле и други начини за дишење во средини во кои нема кислород.

„Механизмот на дишење е едноставен и генијален. Некои користат природни соединенија „нафтокинони“, кои делуваат како молекуларни курири, носат електрони надвор од клетката за да можат бактериите да ја разградат храната и да генерираат енергија“, објаснува Бики Бапи Кунду, водечкиот автор на истражувањето.

Со напредно компјутерско моделирање било утврдено дека вакви бактерии поставени на проводници во средини без кислород продолжуваат да растат и да генерираат струја.

Научници од Институтот за напредна технологија во Шенжен, пак, развиле био-батерија која користи електроактивни бактерии за производство на струја. Самата се полни десет циклуси, а може да служи и како псевдо-батерија за 50 циклуси за полнење и празнење со ефикасност од 99,5%.

Иако капацитетот и е далеку помал од класичните батерии, таа нуди прецизна контрола на биоелектрични стимулации на неврони.

12 мај 2025 - 10:47