На 22 јули 2009 година, невронаучникот Хенри Мркрам се качи на бината на ТЕД во Оксфорд и најави дека ќе направи комплетна и комплексна компјутерска симулација на човековиот мозок. Целите беа грандиозни: „Да ја разбереме перцепцијата, да ја разбереме реалноста, да ја разбереме дури и физичката реалност“. И рокот беше ист таков:
„За 10 години на ТЕД ќе ви пратам холограм да разговара со вас.“
Деновиве поминаа тие 10 години и ништо од тоа. Ни холограми ни муабети.
Проектот заслужува навраќање на него и заради тоа што во 2013 година, Европската комисија го награди Human Brain Proect со грант од неверојатни една милијарда евра (1,4 милијарди по денешна вредност).
Идејата на Маркрам не беше да се направи поедноставена верзија на човековиот мозок туку велелепна симулација со сета комплексност на тој орган, сè до основните неврони и нивните конекции. За волјa на вистината, овој проект уште на почетокот наиде на огромни критики и оценки дека во суштина е апсурден. Пред некоја година, 800 научници тоа и им го го пишаа на бирократите од ЕК.
„Доволно тешко е да се мапираат и моделираат 302-та неврона на црвот C. elegans (долг еден милиметар), а не па 86-те милијарди неврони колку што ние чуваме во черепот“, вразумува невронаучникот Грејс Линдзи.
Главна поента на критичарите беше: што е поентата? Целиот проект не адресираше никакво истражувачко прашање, не тестираше никаква хипотеза за тоа како функционира мозокот. Симулацијата се чинеше како цел сама за себе. Како што велат некои, ќе имате мозок во компјутер, а претходно сте имале мозок во глава. Што сте добиле со тоа? На кои прашања новиот мозок ви одговорил?
Но, мозокот не престанува да фасцинира со својата загадочност а на невро-науката не и недостасуваат бомбастични најави за иднината на нашето разбирање на овој мистериозен орган. Пред пет години, основачот на Медиа лабот на МИТ, Николас Негропонте, излезе со тврдење дека за 30 години, информациите ќе ги голтаме. Ќе голтнеш апче и ќе го знаеш Шекспир. Сценариото оди вака: информациите ќа влезат во крвотокот, кога ќе стигнат до мозокот ќе знаат каде стигнале и ќе се распоредат на вистинските места.
Уау.
Исто уау како она од пред 10 години.