Зошто никој нема да ги памти Џон Ленон или Квин за 50 години

Теоријата е на Чак Клостерман, човек кој направи кариера од пишување за рок музика (и останати теми од поп културата), и според неа рокот ќе биде запаметен само преку еден единствен лик: Чак Бери.

Во неговата нова книга "But What if We're Wrong?" Клостерман објаснува дека луѓето со тек на време ќе заборават и на Лед Цепелин, Мик Џегер, Кит Ричардс, Боб Дилан и Битлси, а единствено ќе се памети само човекот што ја напишал "Johnny B. Goode".

Без намера тек така да се помират со заборавањето на сите можни историски рок бендови и ликови, МЕЛ седнуваат да разговараат со Клостерман да го објасни својот став бенд по бенд (или пејач).

Дејвид Боуви
Боуви има шанса (да биде историски претставник на рокот). Проблемот е што тој не е еден од создателите на рокот. Тој доаѓа на самиот крај, кога рокот веќе е создаден. Неговиот најголем дар е неговата способност за трансформација и еволуција. И ако Боуви треба да биде личноста што го дефинира рокот, тоа е затоа што главната карактеристика што и ја придаваме на рок музиката би било дека таа постојано еволуира и се менува, а јас не мислам дека тоа се случило. Во најголем дел, рокот е фундаментално конзервативен по својата структура - и се бори против менување и еволуција. Приказната на Боуви може да е спротивност на она како го памтиме рокот како целина.

Ху
Ху ќе бидат споредени со најголемите бендови кои постоеа во нивно време, а тоа значи Битлси и Стоунси. Тешко дека Ху некогаш ќе биде сметан за подобар бенд од овие два. Единствен начин ова да се случи е ако панк-рокот стане дефинирачка работа на рок музиката, затоа што стана популарно Ху да се нарекува првиот панк бенд. "Can't Explain" стварно е првата панк песна.


Квин

Во нивна полза е што постои сфаќање дека тие се голем бенд во живо и голем студиски бенд. Нивните албуми одлично звучат и имаат одличен вокалист. Друго нешто што им оди во корист, е ако некаде во иднината, Вејн и Гарт станат карикатура за денешниот рок обожавател, а Светот на Вејн стане инкарнација на тоа како некогаш изгледале рок фановите. А бидејќи тие ја пејат "Bohemian Rhapsody," луѓето ќе мислат - тоа било рок музиката! Ама за ова да се случи има многу работи што треба да се наместат.



Џенис Џоплин
Она беше само блуз пејачка, и не толку добра.

Нил Јанг
Ова не би бил ужасен одговор, освен зошто би бил Нил Јанг а не Боб Дилан? Нивните кариери некако се слични: и двајцата постојано се менуваат; и двајцата, во основа се пејачи - автори; и кај двајцата има политички теми во музиката. Ама би требало да имаш причина зашто да го избереш Јанг пред Дилан, а такво нешто не ми текнува. Тој е премногу сличен на Дилан, кој пак е поважен.

Џон Ленон
Тука значително помага неговиот атентат (за да биде запаметен), иако по какво било површно прегледување на неговиот каталог луѓето од иднината ќе сфатат дека тој го пишува најголемиот дел од своите најдобри песни заедно со еден друг човек, Пол Мекартни (иако во пракса и двајцата одделно пишуваат). Сите оние Битлс песни се Ленон-Мекартни песни. Самото траење на кариерата на Мекартни може да му даде мала предност.

Елтон Џон
Ако одговорот биде Елтон Џон, тоа значи дека перцепцијата за рокот, историски, е некако слаба. Тој не ги пишува своите текстови. Тој ќе биде запаметен само ако нешто многу погрешно се случи и разбирањето за рокот стане дека тој се сведува на перформанс, а дека пишувањето текстови не е ни најмалку важно. Не велам дека Елтон Џон не е талентиран - тој е супер талентиран. Ама тој е пијанист и пејач кој добива парче хартија со зборови и се однесува како да му е грижа што значат тие. Тоа е нешто слично на глума.

У2
Тие дојдоа премногу доцна. Ако тие треба да бидат историски претставник на рокот, Боно ќе мора да стане некоја водечка политичка фигура во Ирска, а Ирска ќе мора да стане водечка светска сила. Нешто слично како Џоплин, албумите на У2 не се толку добри. Има неколку добри плочи на У2. Музички тие се преценети.

Нирвана (не оваа Нирвана)
Многу е возможно Нирвана да биде запаметена како последниот значителен рок бенд. Во долгорочниот портрет на рокот, може да постои одредена наклонетост кон скорашноста (што би било во корист на Нирвана). Нирвана се појави на почетокот од 90-та па затоа имаме многу повеќе медиа од нив. Нирвана во нивниот краток рок на траење беше повеќе на телевизија отколку што Битлси беа во 60-те.

Зошто Чак Бери? (oд книгата)

Рокот е едноставна, директна музика базирана на ритам. Бери правеше едноставна, директна музика базирана на ритам.

Рок музиката е црнечка музика популаризирана од бели музичари, посебно бели музичари од Англија. Бери е црнец кој директно влијае на Кит Ричардс и Џими Пејџ.

Рок музиката е преокупирана со секс. Бери беше секс зависник чиј број 1 американски сингл беше за тоа како тој си игра со својот пенис.

Рок музиката е беззаконие. Бери два пати беше во затвор пред да наполни 40 години.

Рок музиката се поврзува со митови и легенди (толку многу што падот на рокот се поврзува со подемот на интернетот и уништувањето на прераскажувањето анегдоти). Бери е предмет на повеќе урбани легенди, од кои неколку се вистинити и кои често пати како да вклучуваат насилство, евтиност и сексуално празнење.

9 јуни 2016 - 16:11