Длабоко земи воздух. Ќе треба да минеш низ сето ова.
Слушна? Тоа се акордите кои отвораат. Најверојатно се молски, а ако не се, тогаш нешто навистина тажно се случува. Осамена хармоника. Нешто.
Ама, немаш време да застанеш и да слушаш. За приближно 8 секунди, ќе ти пријде еден валкан човек со цилиндар на глава. Порано бил успешен вентрилоквист, но тоа било многу одамна. Се надева дека жена му му има простено. Каде и да е сега таа.
Ти кажува како дошол тука. Како куклата му се викала Френки Волнатс. Како настапувал во фрак, со ружа на реверот. Ти кажува како мирисала ружата. Како го фрлил сето тоа за виски и жени, и како рајата некогаш знаела да се смее.
Смеењето е она што најмногу му недостасува.
Почнува да свири труба. Тажно, ама има некоја скокотлива енергија под површината. Би можела таа и да те размрда да не беше тука Лорета, проституката со една рака која во моментов куца накај тебе. Фенерот кој го носи ѝ ги осветлува закрвавените очи; те прашува да не треба друштво.
Кажи не. Оти може среднотешкашот Џек да се разлути, тој на Лорета ѝ е регуларна дружба за сабота навечер. Има боксувано во морнарица, има тетоважа од морска сирена и последниот среќен спомен му е хартиената кукла која ја има изгубено на 4 години.
Сега слушај внимателно. Почнува рефренот. Луѓето кои ги сретна си заминаа, на нивно место сега е една груба мешавина од носталгија и џин. Собери сила, ќе ти треба.
Во следниот стих ќе сретнеш куче. Хабард, уличар. Спријатели го. Ќе те одведе до една заложувалница која работи само со бурми и стари револвери. Кажи му на газдата што најмногу ти недостасува од детството, ќе ти подаде едно скинато ливче со упатство како да стигнеш до таверна која мириса на евтин парфем и тутун а оргуљашот кој нема свирено со години си мрмори во брада.
Оди до задната просторија, мини ги работниците од пиланата кои играат покер по старо. Има тука еден шпајз за метли во кој можеш да се скриеш додека песната заврши, а тоа мора да е блиску, оти таа досега е претворена во р'жење кое фрла во агонија.
Ух, покерашите стивнаа. Излези од шпајзот, тивко. Само еден човек останал, шворц е и неразбирлив. Изгледа дека сме кај крешендото. Држи се тивко и наскоро ќе бидеш надвор од ова.
Чуј ја приказната на покерашот. Сакан е, изгубен е. Има живеено близу Кони Ајленд ама одамна, медаљонот што го носи на врат е празен а не ни памти чија слика некогаш чувал во него.
Време е за одјава. Честитки, успеа.
Сега само моли се да не заглавиш во песна од Велвет Андерграунд. Од таму нема излегување.
Ривер Клег, Њујоркер
---------------------