Сега кога Кончита победи, границата на поделби е повторно поставена а Железна завеса стана нејзиниот балски фустан и брадата, вели Дејан Илиќ од белградско Време (верзија за претплатници).
Евровизија повторно се потврди како полигон за проверка на државните сојузи, односите кон сексуалните малцинства и старо оружје од репертоарот на Студената војна.
Ништо посебно не беше што Австриецот Том Нојвирт кој се претстави како Кончита Вурст, облечен во фустан и брадосан специјално за оваа прилика отпеа слаткаста балада, со вишок емоции и молитвени дигања раце кон небото. Победувале тука и покојната Дејна Интернационал од Израел, маскираните Лорди, беа тука бабички од Русија и десетици други фрикови. Што се однесува до текстовите, на сајтовите на фанови на Евросонг ќе најдете прецизна евиденција на тотално бесмислени рефрени меѓу кои предничи луцидното "ла. ла, ла...".
Суштината на проблемот настана кога Русија изрази резерви кон влијанието на Кончита во промоцијата на хомосексуалноста. А рускиот конзервативизам пред неколку децении беше мирен кога своевремено ги претставуваше женското дуо Тату кое отворено имаше алузии на лезбејски однос.
Но, овој Евросонг се одигра кога се случува Украина.
"Кога Путиновите конзервативци ја нападнаа Кончита Вурст, пред себе немаа брадата жена туку симбол на Европа која станува непријател на Русија. Се ограничува Јужниот тек, се поддржува Украина, не се признава референдумот во Крим или оние во источна Украина - па уште да им победи хомосексуалец. Кончита стана причина за поделба на Европа а гласањето за или против неа стана травестиран референдум за или против Русија. Железна завеса стана нејзиниот балски фустан и брадата. Маските симболично паднаа," пишува Илиќ.
По него, иднина на Евросонгот ќе биде враќање на блоковската поделеност во идеолошка смисла. И натаму ќе се пее најмногу за комшиите. Да се види раскош, што би рекле бабите. А кризата и нетолеранцијата ќе остане заеднички именител на Истокот и Западот. Како што рече Бреговиќ во пресрет на балканските војни - ko ne sluša pjesmu, slušaće oluju.