Како Нирвана смени еден живот

Иако неволно, дечково учествувал во немирите во ЛА пред 25 години. Крадејќи во продавница, ненамерно џапнал и ЦД од Нирвана, за кои немал појма ни кои се. Мирисот на тинејџерскиот дух му го променил животот. 

Немирите во Лос Анџелес по контроверзната одлука за Родни Кинг, минаа во сцени на хаос и општ грабеж по продавниците. Некои крадеа бебешка храна бидејќи не знаеја колку долго немирите ќе траат, некои земаа алкохол и цигари а некои мкнеа дупли душеци и огромни телевизори.

Еден од нив бил и тогаш 15 годишниот Гилберт Монтероса. Првиот ден не ни разбрал што се случува бидејќи мајка му со која во САД дошле од Ел Салвадор не давала да се гледа телевизија навечер. Но, утредента дознал а другарите од маало го викнале и тие да тргнат во поход. Отпрвин нејќел но маалските му заиграле на слабата страна, дека е мамино синче, а во мачо маало каков што бил Саут Централ, тоа не можел да си го дозволи.

Влегле во првата голема продавница во која веќе бил хаос од претходниот ден, со расфрлена стока насекаде по подот. На Монтероса му текнало дека ако нешто треба да земе, тоа е касетофон, кој мајка му немала шанси да му го купи. Во тоа време бил по ЛЛ Кул Џеј, Ајс Кјуб, NWA и целиот тогашен хип-хоп, музика која била дифолтен избор за младите во Саут централ а хип-хопер со бесен касеташ на рамо - тоа е веќе озбилно.

Кога го земал касетофонот, на подот здогледал чуден омот, со бебе кое плива а некој го лови со банкнота закачена на јадица. Невермајнд, од Нирвана. Го земал албумот со себе, го однел дома и чекал мајка му да заспие за со слушалки да чуе за што се работи.

"Беше нереално, како пред мене да се отвори еден сосема нов свет. Музички звучеше агресивно но истовремено беше возвишено и суптилно. 'Smells Like Teen Spirit' стана вистинскиот саундтрак на денот кој го минав“.

И како што бива, еден вистински албум отвора безброј нови прозорчиња. Нирвана го водела до Клеш, Клеш до Стоунси, Стоунси до Битлси, па ја слушнал Боемска рапсодија па преминал на Травијата....

Во меѓувреме се селат од Саут централ во поспокоен дел од градот. Благодарејќи на тоа што бил навлезен во гранџот а сменил и стил на облекување, во новото училиште можел да се дружи со дечки кои експериментирале со музика и видеа.  

Денеска е женет и има две деца а работи во ИТ сектор во фирма за надзор. Убеден е дека ако останел во старото маало со старите другари со истиот мачо став, сега ќе бил или во затвор или убиен од некој од конкурентните бандитски друштва.

 

4 мај 2017 - 22:30