Теренс Трент Д'Арби:

Јас бев убиен кога имав 27 години

Иако е сосема жив и здрав и сè уште прави музика, човекот кој го познавате како Теренс Трент Д'Арби тврди дека во музичка смисла бил оставен да живее само онолку колку што живееја Џим Морисон, Џенис Џоплин и Курт Кобеин.

Теренс Трент Д'Арби е првата работа што не смеете да му ја споменувате на човекот кој го познавате како Теренс Трент Д'Арби. Денеска тој е Сананда Маитреја и спомнувањето на неговото претходно име го боли. Втора работа која не се зборува во негово присуство е споредувањето со Принц и неговото менување на името. Д'Арби реши да стане Маитреја во 1995-та година по серија сонови кои тогаш ги имал.

Живее во Милано во брак со Италијанка, архитект и некогашна ТВ водителка со која има две деца. Вели дека не може да слуша современа музика и ужива единствено во детска песни, како оние од "Улицата Сусам" (плиз не ни пишувајте дека сме згрешиле и дека е Сезам).

Сè уште прави музика и издава албуми на две години но ништо од тоа не е ни сенка од најголемата R&B надеж на крајот на 80-тите.

А замислите се во негова кожа. Имате само 25 години а дебитантскиот албум само во првите три дена од издавањето се продава во еден милион примероци. Добивате Гремија, медиумите ве споредуват со Сем Кук и Џими Хендрикс а како добронамерни ментори ви се јавуваат луѓе како  Спрингстин, Леонард Коен и Пит Таузент.

Иако е роден на Менхетен, во времето на својата слава живее во Англија па дури и добива британски акцент. Продуцент на тој фамозен прв албум му е Мартин Вер (еден од основачите на Human Legaue и Heaven 17) и го памти Теренс како кутија огномети кои експлодираат во сите правци. А помни и како луѓето биле фасцинирани од неговиот сексапил кога шетал по лондонските улици, вџашени истовремено и од боксерското тело и од женственоста кои ги поседувал.

Како и многумина други, Теренс Трент Д'Арби не успева да го преживее својот втор албум. Додека првиот се продава во 9 милиони примероци, вториот завршува со тираж од само 300.000. Според него, недвосмилено е дека неговиот крај го издејствувала суровата музичка индустрија. Не е најсигурен зошто машинеријата би посакала да не успее неговиот втор албум, но вели:

"Само е прашање на време кога ќе се појави поевтин модел од вас. Издавачките куќи резонираат - Еј, ако го сакавте овој шупак досега, ќе го сакате и новиот шупак, плус кај вториов имаме поголема маржа", вели денес Сананда Маитреја лабаво навестувајќи дека негова попрактична замена била видена во Лени Кравиц.

Поопширно за него денес можете да го прочитатe во New Statesman.

 

12 октомври 2015 - 11:30