РИП Чак Бери

Џони, би гуд

Бидејќи ние за некои луѓе не пишуваме само кога ќе умрат, ќе повториме што напишавме за него кога беше жив: „Чак Бери е човекот од кого почна сè, ама апсолутно сè од она што денес го знаеме како рокенрол музика и нејзините мал милион деривати. А токму рифовите од неговата Johnny B. Goode сe оние кои ja дефлорираа музиката, ѝ ја одземаа дотогашната невиност и неповратно ја направија дрска и секси.

Чак Бери формално замина од Земјава на свои 90 години. Но тој и неговата Johnny B. Goode одамна не се само наши:

15 октомври 1986

Почитуван Чак Бери,

Кога ви велат дека Вашата музика ќе живее вечно, обично можете да бидете сигурни дека претеруваат. Но Џони Би Гуд е на златната плоча испратена во вселената со леталото Војаџер на НАСА - сега повеќе од три милијарди километри оддалечено од земјата, упатено кон ѕвездите. Овие снимки ќе траат милијарда години, па и повеќе.

Среќен 60-ти роденден, со почит за музиката која му ја имате дадено на ОВОЈ свет...

Go Johnny, go.

Ен Драјан
Карл Саган
Универзитет Корнел
во името на Комитетот за плочи на мисијата Војаџер

* Освен спомнатата песна на Чак, на истата златна плоча, рамо до рамо со него се Бах, Луј Армстронг, Стравински, Моцарт, Слепиот Вили Џонсон и Бетовен.

#репост:

Чак Бери рецензира панкови

Од еден прастар музички магазин од Сент Луис (Jet Lag, излегувал од 1980 до 1991-ва), ископавме драгоцено парче. Година 1980-та, на легендата Чак Бери му пуштаат музика која е тогаш ин... И го оставаат стариот да мрчи.
 

The Sex Pistols "God Save the Queen":

Што е овој толку лут? Гитарската прогресија им е како мојата. Вокалите главно не ги разбирам. А ако си лут на нешто, треба луѓето да разберат на што си лут.

The Clash "Complete Control":

Слична на претходната. Ритамот и акордите пасуваат добро. Дечково бил засипнат кога снимал?

The Ramones' "Sheena is a Punk Rocker":

Добра песна за скокање. Момциве ме потсеќаат на себе кога почнував. И јас тогаш знаев само три акорда.

The Romantics "What I Like About You":

Конечно песна на која може да се игра. Звучи како 60-тите со мои рифови расфрлани таман колку што треба. И викаш, ова е ново? Сум слушал вакви ствари еден куп. Не ми е јасна целата бука околу ова.

Talking Heads "Psycho Killer":

Фина фанки песничка. Многу ми се допаѓа басот. Добро тече песната. Пеачот звучи како да ќе се онесвести од трема.

Wire "I Am the Fly" и Joy Division: Unknown Pleasures

Значи тоа е таа нова музика. Ништо што не сум слушнал претходно. Звучи како старо блузерско импровизирање кое Би Би Кинг и Мади Втерс го изведуваа во бекстејџ низ старите амфитеатри во Чикаго. Инструментите се можеби се поинакви ама експериментите се исти.

 

19 март 2017 - 10:14