Џин Симонс пак го извади тоа јазикот

Рокот е мртов, рапот кај и да е ќе умре, поп музиката е караоке а електронската музика е лајт шоу. Вака накратко изгледа рецензијата на денешните музички текови на најголемиот  - што буквално што фигуративно - јазик на сцената, басистот на Кис, Џин Симонс.

Годинава навршуваат 40 години од Destroyer, еден од најдобрите албуми на американската група The Kiss. Познати по шминката, долгиот јазик на басистот и ко-вокалист Симонс, нивниот претприемнички сенс (први почнаа да продаваат куклички и други срања со нивните ликови), како и кавгите кои следеа откако се растурија (не настапија на церемонијата на влегувањето на бендот во Hall of Fames затоа што на мртво се испокарале и испотепале кои песни да ги свират).

По повод јубилејот на албумот, Ролинг Стоун реши да го праша Симонс како стои планетава со музика. Ова се неговите дијагнози:

За моменталната сотојба на рок музиката: Што се однесува до мене, рокот е мртов. Нема нови бендови, Фу Фајтерс ги сакам ама и тие се бенд од 20 години. Нирвана, Прл Џем, сè се тоа стари бендови (нејасно е дали некој му кажал на Симонс дека Кобејн веќе не е меѓу нас).

За иднината на хип-хопот: Рапот ќе умре. Следната година, за 10 години, еден ден ќе се случи тоа и ќе се појави нешто ново и тоа е здраво. Едвај чекам рапот да умре, и музиката да се врати кон текст и мелодија а не да биде зборување. Што е однесува до мене, песната по дефиниција е текст и мелодија... или само мелодија.

За модерниот поп и РнБ: Моето мислење за сите поп диви кои се на сцената  - а ги сакам Џенифер Лопез и Клара и Шакира и Мадона и сите женски кои завршуваат на 'а' - е дека имаат тие талент ама дека сето тоа е нечесно. Имаат снимени матрици, со пратечки вокали. Тоа е караоке бар. А караокето е и почесно, бидејќи барем знаеш дека е караоке.

За електронската музика: Тоа е чесна музика. Електрониката вика: Еве ви дечко кој стиска копчиња и дига раце. Тој не се преправа дека отвара уста и дека тоа што излегува од него е негово. Си има тој лајт шоу и тоа една поштена врска.

Не дека Симонс е гад само за денешната музика. Бил прашан од историската дистанца да ја оцени музичката сцена од неговото време. А тоа е Њујорк, 70-ти години, време на Велвет Андерграунд, Њујорк долс, Блонди, Иги Поп, Рамонс, Телевижн, Токин хедс....

"Немаше бенд како Кис. Колку и да беше културолошки значаен, градот тешко дека кога и да е дал некој добар бенд. Имаше тогаш Рамонс, Њуjорк долс, такви работи. Ама Рамонс никогаш немаа златен албум сè додека некој од нив не умре"

18 март 2016 - 12:39