Маѓар се претвора во поголем пријател на Путин отколку што мислеа во ЕУ

Ако Унгарците гласаа за Петер Маѓар затоа што по 16 години им е преку глава од Виктор Орбан - ОК, нека им е со среќа. Ама ако го изгласале за да ѝ наштетат на Русија, како што ЕУ инсистираше во предизборната кампања, ја утнале работата. Маѓар нема намера да ги откаже договорите со Путин, а Брисел ќе мора во исто време да ги финансира и Украина и Русија во нивната војна.

Владимир Путин не мораше да направи ништо за да ги дочека „своите пет минути“. Глобалниот хаос поради војната на Израел и САД против Иран ја полнат касата на Кремљ и ги неутрализираа ефектите од десетици пакети санкции што Западот ги воведе за Москва за да ја остави без пари за војната во Украина. САД дозволија руски танкери да испорачуваат нафта низ светот, а во Европа сè погласни се барањата да се дозволи увоз на гас и нафта од Русија за да се надмине енергетската криза.

Се покажува дека на Кремљ не му пречи ни поразот на Виктор Орбан на изборите во Унгарија, што му го направи ќефот на Брисел. Западните коментатори побрзаа да прогласат „смрт на нелибералната демократија“ во Европа, бидејќи Орбан ги кочеше иницијативите на Брисел за финансиска поддршка на Киев и за забрзан прием на Украина во Европската Унија.

Но, брзо стана очигледно дека реалната слика е покомплицирана. Петер Маѓар, некогашен близок соработник, а сега наследник на Орбан, изјави дека е подготвен да го укине ветото на Унгарија за заемот од ЕУ од 90 милијарди евра за спас на економијата на Киев. Неговиот услов е руската нафта да продолжи да тече до Унгарија преку нафтоводот Дружба, кој веќе три месеци е затворен поради наводен руски напад со беспилотно летало врз пумпна станица кај Лавов.

Унгарија има потпишано долгорочни договори со руската државна компанија Газпром, кои важат до 2036 година под таканаречените услови „земи или плати“ во вредност од околу 2,5 милијарди долари годишно. Договорите се потпишани според швајцарски закон и не може лесно да се поништат. Не е загрозена ни изградбата на унгарската нуклеарна централа „Пакс-2“ – проект од 12,5 милијарди евра финансиран од руската државна компанија Росатом.

Идниот унгарски премиер не ни сака да ги поништи договорите, за да им обезбеди поевтина струја на граѓаните. 

Заминувањето на Орбан од власт само ја остави Украина без причина да го запира протокот на руска нафта до Унгарија. Аргументи нема ни Брисел, кој вети пари и техничка помош за повторно отворање на Дружба, иако тоа е спротивно на иницијативата за целосна апстиненција од руска енергија до крајот на 2027 година.

Тоа значи дека и без Орбан, Европа мора да ја финансира одбраната на Украина од руската агресија, а во исто време ќе ја финансира и воената машина на Русија за војната во Украина, забележува за Индепендент британскиот историчар, писател и новинар Овен Метјуз.

******

Ако некој се уште се сомнева, еве сведоштво каков бил ставот на Маѓар за Виткор Орбан пред само две години - сакал да го номинира за претседател на Европската комисија во 2029 година, на местото на Урсула фон дер Лајен. 

„Орбан може да ја води ЕУ.“ Тврдокорен за МИГРАЦИЈА, без компромиси. Западните политичари го лажеа сопствениот народ...“

Да не било ова планот цело време?

20 април 2026 - 14:22