"Знам дека затворањето на АЈАМ (Al Jazeera America) ќе биде големо разочарување за сите кои неуморно работеа на нашата долгорочна иднина. Нашата посветеност на квалитетно новинарство останува неспоредлива. Ние постојано се поставуваме себеси на сосема друго ниво во споредба со остатокот. И вие сте најталентираниот тим што која било организација би можела да го посака," порачал во мејлот до сите вработени, ЦЕО-то на АЈАМ, Ал Енстиј.
Соопштението за затворање на кабелската телевизија, доаѓа во исто време со одлуката од централата на Ал Џезира за поголемо посветување и проширување на "глобалната дигитална операција на американскиот пазар."
"Како што публиката се повеќе се врти кон мобилните платформи, вклучувајќи ги мобилните уреди, за вести и информации, оваа проширување ќе дозволи американските и не-американските консументи да имаат пристап до новинарството и содржините на новинската мрежа кога сакаат и каде сакаат," пишува во соопштението од Ал Џезира Медиа Нетворк.
Во текстот за затворањето на АЈАМ на нивниот официјален сајт се објаснува дека и покрај почетните проблеми со ТВ рејтинзите во САД, мрежата успева да се наметне и да биде препознаена во индустријата. Освен рејтинзи, за својата работа тие добиваат и повеќе награди од американската индустрија.
Columbia Journalism Review анализира дека АЈАМ за време на своето 26 месечно постоење цело време има мали рејтинзи, а дека одлуката за затворањето доаѓа од владата на Катар, главниот финасиер на телевизијата, и делумно има врска со се пониските цени на нафтата.
"Водечката филозофија на АЈАМ беше дека квалитетното новинарство ќе победи, меѓутоа многу малку околу нивното новинарство беше нешто посебно карактеристично. Додај на ова конвенционално пакување, дистрибуција преку застарен медиум, и слаба препознатливост на брендот, и добиваш затворање на вратите на една кабелска мрежа.
Ова не треба да значи дека журнализмот на АЈАМ - 'базиран на факти,' како и што беше рекламиран - не беше квалитетно завршен. Меѓутоа нивниот традиционален стил на продукција не успеа да ги направи поразлични од постојните програми. Некои од нивните програми наликуваа на ЊузАуар на ПиБиЕс: разумни и ненавредливи, ама понекогаш досадни...
АЈАМ имаше и дополнителна пречка во воспоставувањето на својот бренд, бидејќи голем број од Американците не му веруваа во глобалното покривање на вестите од страна на Ал Џезира и нејзината поврзаност со владата во Катар," пишува Дејвид Уберти во текстот за CJR.
Конкретно за рејтинзите, АЈАМ најчесто имаше публика од десетици илјади гледачи. СиЕнЕн и МСНВЦ имаат публика од стотици илјади, а Фокс често пати собира милиони.