Елиза Скинер минатата година пишувала по 200 шеги за секоја неделна епизода од телевизиското шоу Фешн полис на E! television. За тој труд, продуцентите на емисијата која заработува силни милиони ја плаќале мизерни 500 долари неделно.
Се додека таа и нејзините 12 колеги пишувачи на дијалозите во емисијата не решија дека е тоа нефер па заминаа на штрајк, одбивајќи да бидат експлоатирани на тој начин.
Од продуцентите, а тоа е куќа која и припаѓа на водителката Џоан Риверс, бараат колективен бонус од милион долари за минатиот труд.
Велат дека нивниот аргатлук е сериозно исцрпувачки бидејќи се под постојан притисок да бидат креативни а кога шоуто има специјални емисии, работат и по 17 часа дневно.
Последен сериозен штрајк на телевизиските креативци во САД се случи во 2007-ма и 2008-ма година кога стотина нив одбија да пишуваат скечеви за мегапопуларните емисии на Лено, Конан и другите.
Суштина на незадоволството се парите но и несигурноста на работното место.
Во незавидна положба се и американските стендап комичари кои исто така не се синдикално организирани и често пати не можат да си дозволат да земат и мала пауза од вечните турнеи и гостувања по клубови заради опасноста да излезат од играта.
"Синдикатот е наша единствена надеж да поставиме стандарди на работата и да можеме да живееме од нашиот труд", вели Скинер.
Таа и останатите штрајкувачи биле соочени со морализаторски став од продуцентите кои наводно биле шокирани од ваквиот потег, потсетувајќи ги дека сите во шоуто се како семејство.
"Семејство? Да, имам јас мајка. Ама живее во Вирџинија, не во Малибу," им враќа Скинер.