Не еден, не два туку трите највлијателни шпански дневни весници недоамна во кус рок останаа без своите топ уредници.
Обезглавувањето на Ел Паис, Ла Вангардија и Ел Мундо некои го толкуваат како природна последица на глобалните тенденции: тиражите на традиционалните медиуми опаѓаат, читателите се селат на интернет, приходи сè помалку.
Но, се наведува и една друга важна околност која фрла светлина на ваквите промени: економската криза и социјалните ломови кои таа ги предизвика ги натера Шпанците да станат сомничави кон институциите. А традиционалните медиуми со богата историја се нераскинлив дел од тој институционален пејсаж.
"Луѓето почнаа да трагаат по информации кои не се директно поврзани со центрите на моќ," вели Рафаел Анибал, поранешен новинар кој сега работи во областа на комуникацииите.
А финансиските проблеми со кои се соочуваат големите медиуми, ги носат уште поцврсто во прегратка на центрите на политичко- економска моќ. На пример, сопственикот на Ел Паис, весник формиран уште во 70-тите години, само неколку месеци по падот на диктатурата на Франко, неодамна успеа да го спаси весникот од банкрот но само откако на банкарите им даде уште 16 проценти удел во компанијата.
И оди сега најди сторија во Ел Паис за некакви банкарски сплетки. Новинари кои пробале да пишуваат на овие теми велат дека формално не им се забранува да трагаат но од уредниците секогаш добиваат проценка дека темата уште не им е готова и дека не е докрај обработена за да биде објавена.
Како контра-ефект на ваквото читателско вртење грб на угледните медиуми поврзани со институциите, во Шпанија се случува бум на нови журналистички проекти. Во последно време се регистрирани околу 300 новинарски стартапи кои со мешавина од искусни и млади новинари сакаат да ја привлечат публиката која веќе не им верува на традиционалните новинарски брендови.